Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБогдановиќ ќе бара детална ревизија на проектот „Скопје 2014“

Богдановиќ ќе бара детална ревизија на проектот „Скопје 2014“

Кандидатот за градоначалник на општина Центар од СДСМ, Саша Богдановиќ, денеска најави детална ревизија на проектот „Скопје 2014“, како и дека ќе ја објави целата документација за проектот.

Богдановиќ изјави и дека „новата власт во Скопје“ ќе ја запре и изградбата на панорамското тркало.

– Галиите, шмизлите, Прометеј и целиот криминален и налудничав проект „Скопје 2014“ ги одзедоа душата и убавината на централното градско подрачје. Се украдоа милионски суми од граѓаните за барок и за стиропор. Со енергична борба успеавме да спасиме да не никнат и шпански скали. Со новата власт во Скопје ќе се сопре и изградбата на панорамското тркало. Проектот, за жал на центарци, на скопјани и на цела Македонија е целосно реализиран, но Општина Центар сè уште може да направи многу повеќе во однос на ова чувствително прашање што досега никогаш не е докрај расчистено – рече Богдановиќ.

Кандидатот за градоначалник на општина Центар најави дека со надлежните институции ќе направи детална и функционална ревизија за тоа како се спроведувале тендерите и деталните урбанистички планови за „Скопје 2014“.

– Поради тоа што станува збор за проект од јавен интерес, јас, како градоначалник на Општина Центар, ќе ја објавам целата документација за „Скопје 2014“. Од одговорност нема да биде поштеден никој – изјави Богдановиќ.