Saturday, May 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАтанасоски: Нема причина владата да не опстане 4 години, опозицијата ќе се занимава со самата себе

Атанасоски: Нема причина владата да не опстане 4 години, опозицијата ќе се занимава со самата себе

ПОМАЛИ И ПОГОЛЕМИ ИЗНЕНАДУВАЊА И ИЗНУДЕНИ РЕШЕНИЈА

Иако новата влада го почнува мандатот со 62 пратеници во Собранието, исто како и претходната, ако се насочи кон реализација на стратешките програми и платформи кои ги усогласија коалициските партии, нема причина да не опстане 4 години. Особено што опозицијата си создаде проблеми на самата себе и по овој пораз може само да се занимава со самата себе и со конечните разврски кои таму следат, оценува политикологот Благојче Атанасоски.

Во изјава за МКД.мк, Атанасоски ја оценува новата влада како микс од „старите волци“ на истите позиции, како Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и Венко Филипче, со неколку изненадувања, од кои најголемо, според него, е предлогот Благој Бочварски, актуелен градоначалник на Штип да оди во Министерството за транспорт и врски.

„Тоа што досегашната пратеничка Јагода Шахпаска, која ќе го заземе ресорот на Мила Царовска, е изненадувачки за мене, бидејќи Царовска во јавноста имаше еден од најголемите рејтинзи помеѓу граѓаните. Дали успешноста во работата во труд е ‘визит карта‘ Царовска да биде прекомандувана во образование, времето ќе покаже. Изненадување е и Бојан Маричиќ, досегашниот координатор за евроинтегративните процеси, кој ќе го води ресорот правда. Дали Маричиќ ќе ги донесе толку посакуваната правда и владеење на правото искрено се сомневам, бидејќи и еден исклучителен правник каков што е Рената Дескоска, не успеа во таа намера“, вели Атанасоски.

Според него, најголемото изненадување е Бочварски, за кого вели дека не се знае што било пресудно мандатарот Зоран Заев да го предложи за министер за транспорт, но смета дека како функционер кој добил директен легитимитет од граѓаните на непосредни избори, требаше да го заокружи мандатот уште една година, па потоа да биде „искористен“ како кадар во извршната власт.

За изнудена ја смета функцијата на Никола Димитров, кому, како што вели Атанасоски, поради отстапувањето на ресорот МНР на ДУИ, му се дава наградувачка извршна функција како човек кој ќе го води Секретаријатот за европски прашања и ќе треба да покаже успех во напредокот на Македонија кон ЕУ.

Што се однесува до кадровските решенија за ДУИ, Атанасоски не ги гледа како „којзнае каков успех“, туку повеќе како мали симболични победи, особено договорот за 100 дена премиер Албанец пред наредните избори.

„Во тие 100 дена предизборие ништо суштинско не може да се смени освен Пи-ар моментот важен за ДУИ, дека го оствариле ветувањето ‘Зошто не?‘. Познатите политички ликови Фатмир Бесими и Бујар Османи ќе ги водат можеби најважните ресори кои ги има ДУИ во оваа влада, и се политичари кои во минатото добро котирале со рејтинг не само во албанското политичко и гласачко милје, туку биле прифатливи и за Македонците, за разлика од еден Садула Дураку на пример“, додава Атанасоски.

Но, во однос на вицепремиерското место за борба против корупција, смета дека е „џабе“ ако нема никакви резултати на тоа поле и поважно е да има вистинска волја кај сите функционери да се борат против најголемото ендемско зло-корупцијата.

Како најголем проблем со кој ќе се соочи владата Атанасоски го гледа прво справувањето со последиците од ковид-19 кризата, особено на здравствен и економски план, а долгорочно, тоа е отворањето на преговорите со ЕУ.

„Ќе требаат реални, суштински, длабински и коренити реформи во сите општествени сфери, не само козметички шминки и декларативни заложби како досега, намалување и рационализација на јавната администрација, реформа на правосудството и создавање на независен и ефективен правосуден систем, подигнување на животниот стандард, поткрепа на социјално загрозените категории на граѓани особено во ковид-19 пандемија, борба против корупција, односно санкционирање на секој макар и најмал случај на корупција, намалување на невработеноста преку отворање и креирање на нови работни места, реформи во образованието, продолжување на изградба на автопати и други капитални проекти од инфраструктурата“, вели тој.

Сепак, Атанасоски не гледа проблеми за владата од страна на опозицијата, бидејќи со политиката којашто ја водеше до сега, по последниот изборен пораз може само да се занимава со самата себе и со конечните разврски кои таму следат.

„Особено фрапантно за мене е како оваа опозиција успеа да загуби од влада која го реши спорот со името (го смени името за севкупна употреба), ѝ се случи една од најголемите афери ‘Рекет‘, со која се урниса СЈО и надежта за правда умре, и потпиша Договор за добрососедство со Бугарија, договор кој место да служи за уредување на односите со нашиот источен сосед, повеќе служеше за лечење на фрустрациите на бугарските политичари, историчари и општественици по однос на македонското национално прашање. На крајот опозицијата не успеа да го капитализира негативниот став кај голем дел од граѓаните за овие прашања и ги загуби изборите, макар и со двајца пратеници. Можеби Заев ‘изгуби‘“, односно загуби околу 100.000 гласа од претходните избори, и не доби толкав гласачки легитимитет, но Мицкоски воопшто не победи. Граѓаните не го препознаа како алтернатива на ‘погубните политики на Заев‘. Да беше можеби некој друг лидер на ВМРО-ДПМНЕ, сега таа партија ќе го дадеше идниот премиер“, вели Атанасоски.

Извор: МКД.мк