Wednesday, May 1, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАпелација: Кочан е во бегство, се бара со меѓународна потерница

Апелација: Кочан е во бегство, се бара со меѓународна потерница

Повеќе од недела дена бизнисменот Сеад Кочан не им е достапен на органите на прогонот, па доколку тој самиот не се пријави пред македонските власти ќе биде гонет со меѓународна потерница иако неговиот адвокат тврди дека тој е во странство на службен пат.

Денеска Апелација во јавност ја објави и целосната одлука со која го потврди притворот за Кочан и бара неговата екстрадиција во земјава.

„Според причините наведени во образложението произлегува дека осомничениот Кочан е во бегство и е недостапен за органите на прогон и се до овој момент на постапката нема никакво сознание каде тој се наоѓа“, пишува во одлуката на судот.

Но, и покрај тоа што во пресудата судот им наложува на надлежните органи да го спроведат во Шутка, од Сеад Кочан ни трага ни глас.

Кочан на 9 март границата ја поминал со возило, а токму тој ден Кривичниот суд му одреди притвор откако ја уважи жалбата на СЈО.

„Лицето Сеад Кочан последен пат во системот за контрола на патници и возила го евидентира на 09.03.2017 година на излез од Република Македонија“, стои во пресудата.

Неговото име меѓутоа не фигурира ниту на објавените потраги за лица на веб страницата на МВР, ниту пак на веб страницата на Интерпол иако по него е распишана меѓународна потерница.

Адвокатот на бизнисменот кој го гони специјалното јавно обвинителство по произнесувањето на Апелација не е достапен за медиумите, иако претходно Никола Додевски тредеше дека неговиот клиент е на службено патување и е слободен граѓанин.

Во предметот „Труст“ осомничени се Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, кои во 2012 година биле сопственици или  управителина фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“и со лажни документи добиле тендер од ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра. На Василие Авировиќ судија на претходна постапка му одреди мерки на безбедност, меѓу кои и забрана за комуницирање со одредени лица.