Sunday, May 5, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАлсат тврди: Вратите ги отворија пратеници на ВМРО и даваа насоки каде да се нападне

Алсат тврди: Вратите ги отворија пратеници на ВМРО и даваа насоки каде да се нападне

Телевизија Алсат М објави извештај според нивни засега анонимни, но добри информирани извори кои тврдат дека вратите на Собранието биле отворени од внатре и тоа од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Крсте Мукоски и Саше Василевски, додека пак внатрешното обезбедување како и распоредените полицајци речиси и воопшто и да не презеле мерки. Овие тврдења се базирани на снимките кои се направени со камерите за надзор во самото Собрание.

Нападите врз пратениците на СДСМ и врз Зијадин Села исто не биле спонтани, туку координирани од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Во текот на гласањето за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ скандираат и пеат песни, кревајќи тензија до точка на зовривање и експлозија со насилниот упад на демонстрантите во просториите на Собранието.

По упадот во просториите на Собрание, голема група демонстранти е во пленарната сала, каде слават заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а друга група добивајќи насоки од пратеникот Јохан Тарчуловски и од началникот на обезбедувањето на Парламентот и на спикерот Вељановски, Александар Јанковиќ, се упатува кон кон салата за прес-конференции, за да ги најдат пратениците на новото мнозинство.

Насилниците имаат задача да стигнат до пратениците на СДСМ и до лидерот на Алијансата, Зијадин Села.

Дека нивна мета биле само пратениците на СДСМ, сведочат и многуте снимки кои кружат на социјалните мрежи. Една од нив покажува дека демонстрантите го пропуштаат пратеникот на ДУИ Артан Груби без да го нападнат.

Во слична ситуација се снимени и пратениците Џеват Адеми и Весел Мемеди, кои недопрени поминуваат покрај демонстраните додека зад нив се одвива атакот врз нивните колеги.

Дел од сценариото, според извори на Алсат-М е и случајот со Влатко Ѓорчев, кој според снимките што беа емитувани им помага на пратениците, но нашите извори велат дека неговите чекори се дел од обидот да се релативизара улогата на ВМРО-ДПМНЕ во оркестрирањето на насилството.

Нејасно е дали со тоа што ќе се случува биле запознаени и пратениците на Движењето БЕСА кои си заминаа од Собранието, како и пратениците на ДПА кои исто така не се видени на просториите на законодавниот дом. Според извори на Алсат-М, меѓу демонстрантите има и високи челници на УБК. Најмалку петмина од нив биле дел од толпата, а имало и пензионирани работници на тајната полиција, кои се документирани како им даваат инструкции на насилниците.