Tuesday, Apr 30, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаИванов со реторика која влева страв, национализам и ги напаѓа СЈО и народот кој протестира

Иванов со реторика која влева страв, национализам и ги напаѓа СЈО и народот кој протестира

Претседателот Ѓорѓе Иванов во своето обраќање до јавноста попладнево се осврна на бранење на своите одлуки кои ја предизвикаа Шарената револуција. Неговата реторика беше националистичка, а ставовите кои ги прочита по ништо не се разликуваат од оние кои ВМРО ДПМНЕ секојдневно ги пласира во јавноста. Исто така, фокусот во говорот на Иванов беше ставен на стравот од терористички напади. Претседателот го нападна и ги стави во ист кош СЈО, граѓаните кои протестираат и опозицијата.

Тој изјави дека наместо Специјално земјата добила Селективно обвинителство. Вели дека со помилувањата ги запрел сите непријателски намери, но гневот бил насочен кон него. Иванов смета дека на ваков начин спречил македонско-македонски судир.

„СЈО вршеше селективен прогон кон една политичка партија. Сето тоа личеше дека играме туѓа наметната игра за дестабилизација. Сакам граѓаните да знаат дека бевме на чекор до отворен граѓански судир. Првата опција беше да дејствувам реактивно и да чекам се додека состојбата не ескалира, но со тоа ќе ја оставев јужната граница незаштитена. Втората опција беше превентивна, тоа подразбираше да наметнам нови правила за наметната игра“ – изјави Иванов.

Претседателот вели дека опозицијата ја дезинформира јавноста. Иванов се осврна на одложувањето на изборите, мигрантската криза, блокирањето на институциите. Според него, СЈО потфрли, а лидери на политички партии добиваат закани. Рече дека неоснованата иницијатива за импичмент беше отфрлена и затоа денес им се обраќа на граѓаните. Претседателот порача дека вандализам и хулиганство не треба да се толерира.

Ваквото обраќање на престедателот значи повторување на веќе утврдените тврдокорни ставови на ВМРО ДПМНЕ, како и немањето волја да се сослуша народот и да се стави крај на политичката криза.