Колекционерски монети од серијата „Ден на Ангел“ пуштени во оптек
Народната банка на Република Македонија информира дека се издадени и пуштени во оптек кованите пари за колекционерски цели „Александар“, „Ана“, „Димитар“ и „Елена“ од серијата „Ден на Ангел“.
Овие ковани пари се изработени од сребро, во овална форма, со вметнат кристал „сваровски“ со димензија 2,6 милиметри. На аверсите на кованите пари е претставен ангел наведнат над дете во моментот на крштевањето. Претставени се обоени, златни ѕвезди околу ангелот и три свеќи околу детето.
Во средишниот дел од аверсите на монетите е прикажан грбот на Република Македонија. На десната страна, по должината на периметарот, се прикажани натписите „Република Македонија“ и „100 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање „2015“.
Цената на кованите пари изнесува 3.500 денари. Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.