Friday, Jul 13, 2018
HomeДЕНЕШНАЕкономијаНБМР: По кризата има знаци за позитивен економски раст

НБМР: По кризата има знаци за позитивен економски раст

nbrm

На 8 мај 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на којашто беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна и беше одлучено аукцијата на благајнички записи на 9 мај да се спроведе под непроменети услови, односно да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари и каматна стапка од 3,00%.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите априлски макроекономски проекции, по што повторно истакна дека економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Отсуството на нерамнотежи е видливо преку стабилната инфлација и поволната надворешна позиција, контекст којшто придонесува за поволни движења на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на НБРМ од почетокот на годината. Динамиката и валутната структура на штедењето на населението упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по стагнацијата на економијата во 2017 година, досегашните расположливи високофреквентни показатели за активноста во првото тримесечје на 2018 година, општо земено, упатуваат на можност за економски раст. На ваква констатација посочуваат податоците за индустријата и трговијата, додека градежната активност и натаму се намалува.

Податоците за инфлацијата за април упатуваат на континуитет на досегашните движења, при што просечната годишна стапка на инфлација во првите четири месеци изнесува 1,5%, во најголем дел под влијание на базичната инфлација и прехранбената компонента. Во однос на показателите од надворешниот сектор, нивниот број е ограничен, а засега расположливите податоци упатуваат на релативно поволна надворешна позиција. Во однос на адекватноста на девизните резерви, сите показатели и натаму се движат во сигурната зона.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, ликвидносниот потенцијал на банките забележа намалување, за што најзначителен придонес имаа трансакциите на државата заради повисоката уплата на даночните и неданочните приходи во Буџетот на РМ. Истовремено, на девизниот пазар, поволните движења од почетокот на 2018 година, коишто се карактеризираа со значително пониска нето-продажба на девизи на банките за нивните клиенти, продолжија и во април 2018 година. Овој месец, клиентите на банките на нето-основа имаа повисока понуда на девизи, што е спротивно од движењата карактеристични за истиот месец од годината кога банките вообичаено вршат нето-продажба на девизи за нивните клиенти.

Ваквите поволни движења на девизниот пазар, коишто во најголем дел произлегоа од зголемената понуда на девизи од компаниите, но и од релативно подобрите остварувања во трансакциите со останатите субјекти, придонесоа за натамошно зголемување на девизната ликвидност на банките и за интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизи во износ од 27,5 милиони евра. Со тоа, во првите четири месеци од годината, банките имаат неутрална позиција во трансакциите со клиентите, што е спротивно на истиот период од претходната година кога остварија нето-продажба од 153 милиони евра, за што придонесува неколкукратно повисокиот раст на понудата во споредба со зголемувањето на побарувачката за девизи од сите клиенти на банките.

По месечното намалување на вкупните депозити во март, првичните монетарни податоци за април покажуваат мал месечен прираст на вкупните депозити во банкарскиот систем. Позитивните придвижувања кај вкупните депозити во април во целост се одраз на растот на штедењето на домаќинствата, додека корпоративните депозити бележат пад. На кредитниот пазар, во април продолжи месечниот раст на кредитите, но малку побрзо во споредба со претходниот месец. Анализирано од секторски аспект, носителот на растот е кредитирањето на домаќинствата, а мал раст бележат и кредитите на корпоративниот сектор.

Во анализираниот период, банките надоместија голем дел од пониското ниво на денарските ликвидни средства преку намалување на пласираните средства во расположливите депозити преку ноќ кај Народната банка. Исто така, банките имаа зголемена трговска активност и на пазарите на пари, при што дел од потребните средства ги обезбедија со репо-трансакции и со меѓубанкарски заеми на необезбедени депозити. Пазарните каматни стапки забележаа умерено надолно придвижување, што и покрај зголемената побарувачка за ликвидност, се оценува како натамошна пазарна реакција на банките на намалувањето на каматните стапки на благајничките записи и на расположливите депозити кај Народната банка во март.

Во април беше забележана намалена променливост на меѓународните финансиски пазари, при послаба загриженост од трговски рестрикции во споредба со претходниот месец и зголемена доверба на инвеститорите, што доведе до нагорно придвижување на цените на акциите и намалување на цените на побезбедните инструменти, како во САД, така и во еврозоната. Во такви услови, како и при согледувања за сѐ уште дивергентни монетарни политики на глобалните централни банки ‒ ФЕД и ЕЦБ, САД-доларот забележа апрецијација во однос на еврото. На состанокот на ЕЦБ беше повторен ставот дека програмата за квантитативно олеснување ќе продолжи најмалку до септември 2018 година, а каматните стапки ќе останат на тековните нивоа подолг временски период. Од друга страна, на состанокот на ФЕД на почетокот на мај беше задржан таргетот за распонот на каматните стапки на нивото од 1,5% до 1,75%, како што и се очекуваше, но не беа направени промени во објавувањето на долгорочната патека на монетарната политика, што е во согласност со очекувањата за три зголемувања на каматните стапки во текот на оваа година.

Општо земено, на седницата беше заклучено дека последните макроекономски показатели и оцени главно се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена.

Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи сите економски показатели и случувањата во домашната економија, при што без загрозување на остварувањето на основната цел, ќе овозможува услови за натамошно засилување на поддршката на банкарскиот сектор насочена кон пораст на економската активност во земјата.

POST TAGS: