Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионИ бугарската влада го усвои договорот за добрососедство со Македонија

И бугарската влада го усвои договорот за добрососедство со Македонија

Бугарската влада вчера го одобри договорот за добрососедство за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

„Потпишувањето на договорот за добрососедство е израз на желбата на Република Бугарија да изгради добрососедски односи засновани на европските вредности. По потпишувањето, резултатите од овој договор ќе бидат соработката во билатерален и мултилатерален план, проширувањето на транспортните врски и комуникации, учество и употреба на средства по регионални инфраструктурни и транс-гранични проекти, како и олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете земји“, соопшти бугарската Влада.

Денеска и македонската Влда соопшти дека вчера го одобри нацртот на договорот и дека во 15 часот премиерот Зоран Заев ќе го објави договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.

Бугарската Влада го одобри и Меморандумот за разбирање помеѓу Министерството за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Република Бугарија и Министерството за транспорт и врски на Република Македонија за развој на железничките врски меѓу Софија и Скопје. Бугарската страна презема обврска да се комплетира железничката врска меѓу Софија – Перник – Радомир – македонска граница до 2027 година, а Македонија се обврза да изгради железница од Крива Паланка – Деве Баир до бугарска граница до крајот на 2025 година.

На владината седница во Софија беше одлучено дека Бугарија и Македонија ќе соработуваат во областа на природниот гас. Во согласност со своите државни енергетски политики и заедничката енергетска политика на ЕУ и Енергетската заедница, Бугарија и Македонија ќе соработуваат за да го испитаат можностите за развој на нова директна врска меѓу гасните системи на двете земји. Ова е предвидено во проектот на Меморандумот за разбирање за соработка во областа на природниот гас меѓу Министерството за енергетика на Република Бугарија и Министерството за економија на Република Македонија, одобрен од страна на бугарската Влада.