Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЗНМ ја поздрави одлуката на СЈО да го преземе предметот на новинарот Божиновски

ЗНМ ја поздрави одлуката на СЈО да го преземе предметот на новинарот Божиновски

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја поздравува одлуката на Специјалното јавно обвинителство да побара од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да го преземе предметот на новинарот Зоран Божиновски, кој од април е во притвор поради сомнение за извршени три кривични дела.

Веруваме дека Специјалното јавно обвинителство ќе води покредибилна и поефикасна постапка за случајот на новинарот Божиновски и ќе помогне вистината побрзо да излезе на виделина. Се надеваме дека СЈО по преземањето на предметот сериозно ќе ја разгледа можноста да побара укинување на мерката притвор за Божиновски.

Македонија како членка на Советот на Европа има обврска да ја примени Европската конвенција за човековите права и слободи. Сметаме дека македонските власти во случај на Божиновски не ги почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбург, кој од земјите потписнички на Конвенцијата бара мерката притвор или затвор против новинар да ја применат само кога тие се обвиниети за тероризам или говор на омраза. За сите други дела Европскиот суд смета дека затварањето на новинари е непропорционална мерка, со која може да се загрози слободата на говорот и слободата на медиумите.

Остануваме на ставот дека апсењето на Божиновски е политички мотивирано затоа што власта ги злоупотребува законите и институциите неосновано да ја ограничи слободата на медиумите. Веруваме дека Божиновски е притворен со единствена цел да се спречи да објавува нови коруптивни скандали против власта, се вели во соопштението од ЗНМ.