Friday, Apr 26, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРФилмЖивееме во свет кој го заслужуваме – Рецензија за True Detective S02E02

Живееме во свет кој го заслужуваме – Рецензија за True Detective S02E02

Од започнувањето на новото мрачно патување во светот на втората сезона на True Detective продолжуваме со новите ликови за кои дознавме малку детали во првата епизода. Ја добивме и втората епизода која е многу подобро фокусирана, со попрецизни дијалози и сцени кои не го одвлекуваат вниманието со непотребни детали. Како што претпоставувавме True Detective и оваа сезона длабоко ќе навлезе во демоните на секој од четирите главни ликови, тројца припадници на полицијата и еден криминалец кој се стекнува со многу моќ и богатство.

true-detective-season-2-ep2

Реј Велкоро – Живееме во свет кој го заслужуваме

Повторно во центарот на вниманието е измачениот детектив Реј Велкоро глумен од Колин Фарел кој како што и претходно напоменавме ќе биде тешко да го засакаме поради насилното однесување и пороците, но сега добиваме повеќе причини за неговата тешка состојба. Без многу спојлери Велкоро е прогонуван од трагичен настан од минатото кој постепено го одалечува од семејството. Сцената во која поранешната жена му кажува дека ќе му го одземе старателството на синот кој можеби не е ни негов е маестрално одиграно од Колин Фарел, со распон на емоции од немоќ и фрустрации, до бес и гнев, секоја чест. Како што кажува Велкоро подготвен е за секоја осуда и не гледа начин за искупување, но мое предвидување е дека ќе најде начин како да се одолжи за своите гревови.

rey v1

Винс Вон со најдраматичната сцена

Винс Вон, познат во последните години како комичар повторно има тензична и драматична сцена во која на сопругата и раскажува тешка траума од детството. Напорот на Вон да внесе немир, неизвесност и трагичност кај неговиот лик Френк Семјон е за пофалба и полека ни дава увид зошто овој „мафијаш“ претворен во моќен бизнисмен е подготвен на секој ризик, на кршење на законот и „прљање на рацете“. Семјон говорејќи за деновите поминати затворен во подрумот како десетгодишно дете оставен од неговиот татко криминалец доволно добро укажува за неговите намери да ги држи работите под контрола и да не дозволи никој повторно да го „затвори“ во темен простор.

semjon 1

Рејчел Мекадамс во седиштето на Меконахи

Рејчел Мекадамс како детективката Ени Безерајдс досега имаше најмногу сцени во автомобил кои беа заштитен знак на првата сезона и има дел од потезите на Меконахи со гестовите и начинот на кој говори. Ени Безерајдс ја запознавме како девојка полна со гнев и бес на нејзиниот хипик татко кој изгледа како да е водач на секта и е подготвена за вистински судир со секого навооружена со ножеви дури и кога не е должност. Безерајдс ја има и можеби најдобрата реплика во оваа епизода велејќи „ Кога си во професија каде некој може да те убие само со голи раце треба да си спремен на се, тоа е клучната разлика меѓу половите.“ За Безерајдс добиваме неколку суптилни пораки дека нејзината интима е длабоко нарушена,(уште не дознавме која е нејзината перверзија во кревет од првата сеозна) и се наговестува дека можеби била жртва на сексуална злоупотреба во текот на детството, можеби во сектата на татко и. Безерајдс полека е оформувана од актерката Мекадамс и може да бидеме задоволни од глумата. Од неа очекуваме да биде најупорна во решавање на големата мистерија, како детектив кој нема да направи никакви компромиси.

eni2

Големата лузна која ја носи Тејлор Кич

Пол Вудру игран од Тејлор Кич досега беше најмалку претставен детектив но, во две сцени добиваме дел од неговата суштина и насоки на однесувањето. Слично како Безерајдс се сугеира дека можеби бил сексуално злоупотребен преку досега најморничавата сцена со неговата мајка која дава коментари за неговата сексуална моќ и заведувањето на девојки, па се до невобичаените допири за еден родител. Вудру има и трауми од војната во улога на платеник за приватната компанија Black Mountain, но неговите лузни се од многу порано. Кич полека навлегува во неговиот лик и дава добри перформанси но, вистинската експлозија ја очекуваме во наредните епизоди. Мал спојлер кој е неизбежен исто така е поврзан со сексуалноста на овој лик, а тоа можноста тој да биде геј што целосно ќе ја промени неговата динамика во серијата.

paul2

Убиецот со глава на гавран

Очигледно е дека и оваа сезона ќе биде поврзана со ритуални убиства и голема доза на симболизам, што го потврдува и појавата на „Убиецот со глава на гавран“ во последната сцена која сигурно ќе ве остави без здив и со нетрпение ќе очекуваме да видиме каде ќе не однесе дејството следната недела.

crow1

Автор

Христијан Станоевиќ