Wednesday, Oct 18, 2017
HomeРЕФЛЕКТОРФилмПочеток на темно патување – Рецензија на True Detective S02E1

Почеток на темно патување – Рецензија на True Detective S02E1

true detective s02

По цела година на исчекување конечно беше прикажана втората сезона на веќе култната серија True Detective во продукција на HBO. Фановите со нетрпение очекуваа да видат како ќе продолжи серијата без Метју Меконахи и Вуди Харелсон кои беа фантастични со беспрекорна глума, но и без режисерот Кери Џоџи Фукунага кој го постави темниот тон, тензичната атмосефера и мајсторски снимените сцени. Зад коримилото повторно е авторот Ник Пицолато кој е и главен сценарист, а актерската екипа е составена од Колин Фарел кој го глуми корумпираниот полицаец Реј Велкоро, Винс Вон е Френк Семјон криминалец кој се издигнува во моќен бизнисмен, Рејчел Мекадамс е Ени Безерајдс шериф во локалната полиција и Тејлор Кич како Пол Вудру уште еден припадник на момците во „сино“ како сообраќаец на автопатот во Лос Анџелес.

true-detective-season-2-colin

Првата епизода уште од старт го поставува темниот тон на кој се навикнати фановите, а саундтракот наговестува дека дејствието ќе биде тензично, полно со мистерии и карактери кои се длабоко оштетени. Темпото на новата сезона е прилично бавно бидејќи Ник Пицолато претставува дури четири главни ликови кои имаат свои демони и тешкотии. Вниманието сигурно го привлекува Колин Фарел од кој се очекува врвна глума, а неговиот лик Реј Велкоро целосно се втопува во корумпираниот свет на Калифорнија, принуден уште од старт да соработува со крими босот Френк Семјон игран сосема смирено и тактички пресметано од Винс Вон. Реј Велкоро во неколку сцени го гледаме како насилен лик, зависник од алкохол и дроги, што не е ништо ново за светот True Detective.

true-detective-rachel

Најголема мистерија е ликот на Пол Вудру, зависник од брзо возење со својот полициски мотор, речиси склон кон самоубиство. Тејлор Кич е актер кој мора да покаже дека го заслужува своето место во А класата на Холивуд по неколку промашени филмски блокбастери, па Пол Вудру ќе биде негова шанса да ја оправда довербата. Рејчел Мекадамс која најмногу ја знаеме по улогите во романтични драми е големо изненадување во серијата и ќе треба време додека се навикнеме на нејзиниот лик Ени Безерајдс како гневна девојка која е многу тврдоглава, но и упорна во работата.

true-detective-season-2-Taylor

Откако ќе ги запознаете ликовите добивате чуство дека првата епизода е само најава за тоа што ќе се случува и малку внимание се обрнува на вистинското дејство кое наликува на една голема завера во која се вклучени политичари, бизнисмени, странски инвеститори и полицајци. Реј Велкоро треба да гарантира дека градот Винчи во Калифорнија ќе стои зад голем проект на изградба на инфраструктура, но првите знаци на корупција ги открива новинар кој најавува шокантни откритија. Тоа што недостасува овој пат се привлечни ликови кои можеби нема да ви се допаднат како Раст Кол на Метју Меконахи, но доволно ќе ве заинтригираат за целосно да ги следите во серијата.

vince

Почетокот е тежок бидејќи и самиот сценарист Ник Пицолато целосно сам го носи товарот веќе две години и во дијалозите се забележува недостиг на фокус, лошо смислени реплики и изјави кои не даваат ништо суптилно за ликовите, туку служат само како декор на тензичната атмосфера која треба да експлодира. За почеток ќе треба повеќе трпение дури не видиме каде ќе не одведат ликовите на True Detective, барем не се сомневаме во актерските можности на Колин Фарел на кој единствено му недостасува посимпатичен лик чии лоши одлуки не треба да ги оправдаме но, барем треба да ги дознаеме неговите мотиви. Истото важи и за поврзаноста со останатите „детективи“ Ени Безерајдс и Пол Вудру, а Френк Семјон треба да биде достоен негативец кој ќе не изненади со секој нов потег.

Подготви
Христијан Станоевиќ