Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев: Бомбите за „Монструм“ ќе ги расчистат облаците над овој процес

Заев: Бомбите за „Монструм“ ќе ги расчистат облаците над овој процес

Во интервју за тетовската телевизија Арт, лидерот на СДСМ, Зоран Заев најави дека сите недоумици околу случајот “Монструм“ ќе исчезнат по објавувањето на материјалите.

– Не ја знаат вистината, ни оние кои се наводно виновни за убиствата во овој процес, и оние кои што ги изгубија животите, односно сега нивните семејства не веруваат дека е така како што е претставено во јавноста, и тие ја сакаат вистината. Тоа што ќе го обелоденам се телефонски разговори и смс пораки, нема јас да го толкувам тоа, јавноста ќе го протолкува сама како и досегашниот процес. Таа вистина ќе даде одговори на многу прашања. Може овој процес нема да ги даде сите одговори, но ќе даде огромен процент одговори и ќе расчисти многу облаци кои сеуште надвиснуваат над овој процес. Тоа не може да предизвика меѓуетнички конфликт, тоа може само да ги обедини сите кон општоприфатените вредности , кон човечноста, рече Заев.
Тој најави дека ќе следува и прес конференција за името, со која ќе се открие дека Груевски води преговори дури и без знаење на коалициониот партнер.

– Што не знае јавноста за името? Оној тајновит процес кој Груевски го води сиве години без да го запознае и политичкиот партнер во власта, лаже и крие што се прави сиве овие години со името.
Заев на забелешката од водителот призна дека свои грешки во минатото имала и СДСМ, но и дека тоа не смее да се повтори.

– Јас се извинив за грешките од минатото на СДСМ, немам предрасуди, не велам дека сум и јас безгрешен, се работи се грешки, но ако ве води искрена мисла, сепак тоа е своевидна гаранција дека лошото нема да се повтори. Јас не инсистирам СДСМ да дојде на власт, туку Македонија да биде демократска и слободна земја, рече Заев.
Тој ги отфрли правдањата на ВМРО-ДПМНЕ дека материјалите кои ги објавува се “лепени, креирани, монтирани и прелепувани материјали“.

– Тие веќе го демантираа тоа. Мијалков и МВР ги потврдија разговорите, влегоа во суштината на разговорите но рекоа дека тоа било донација, а не е провизија или корупција. Ние имаме близу 200 разговори објавени, не е возможно да бидат лепени и монтирани од проста причина што се автентична рефлексија на она што се случува. Знаеме со Љубе Бошкоски што се случувало, со „Космос“, во делот на медиумите, ние се знаеме што се случувало. Невозожно е тоа да се монтира.
Заев за најсилна порака од процесот со објавување на материјалите ја смета таа што се обединуваат сите граѓани од сите етнички заедници. Тој кажа дека едвај чека да се случи дуел со Груевски, но дека премиерот постојано бега.

– Дај Боже да прифати еден дуел, со години молам да прифати, во нормална демократска земја дуели и дебата мора да има, ако нема политички дуели и не се спротивстават аргументите тогаш и квалитетот на живот не е тоа што треба да биде, рече тој.
На забелешката зошто тогаш не се врати во парламентот, Заев кажа дека тоа се случило во минатото и опозицијата и меѓународната заедница биле прелажани.

– Се согласувам дека битката треба да е во парламентот, но историјатата наша е лоша, ние се враќавме три пати. Сега само со преодна влада може да се вратиме , нема друг начин. На се сум спремен, што е во интерес на државата и граѓаните, тоа го докажувам и со процесот кој го водам, секирата ми е над глава, можноста да ја изгубам слободата, посоти опасност и од друг карактер. Но јас сум апсолутно подготвен на се, компромиси кои се во интерес на граѓаните. Но, мора да има тело, техничка, преодна, технократска влада, составено од луѓе со образ и личност кои ќе ја подготват Македонија за избори. Последен збор ќе го имаат граѓаните ама на слободни и демократски избори, рече Заев.