Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВрховниот суд денеска ќе пресече дали „бомбите“ ќе се користат како доказ

Врховниот суд денеска ќе пресече дали „бомбите“ ќе се користат како доказ

Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Јово Вангеловски, за денеска во 13 часот ја закажа седницата на која треба да се одлучува за користењето на прислушуваните разговори како докази во судските постапки, потврдија за „Мета“ од судот.

Седницата нема да биде отворена за јавноста, но, како што информираат од судот, по нејзиното завршување е планирано Вангеловски да одржи брифинг со новинарите.

Врховните судии треба да одлучуваат по двата реферати што неодамна ги поднесе претседателот на судот, Јово Вангеловски, од кои едниот е дали прислушуваните разговори можат да се користат во судска постапка како докази или, пак, тие претставуваат само индиции. Другиот е околу поднесувањето барања за заштита на законитоста до судот, односно дали Специјалното јавно обвинителство има право да поднесува вакви барања или, пак, тоа право го има само Јавното обвинителство на Марко Зврлевски.

Инаку, седницата првично беше закажана и требаше да се одржи на 18 април, но беше одложена на неодредено време, а објаснувањето беше дека дел од судиите биле на боледување.