Monday, May 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВМРО-ДПМНЕ со Манифестот за Единствена Република Македонија бара национален консензус

ВМРО-ДПМНЕ со Манифестот за Единствена Република Македонија бара национален консензус

ВМРО-ДПМНЕ го претстави Манифестот за Единствена Република Македонија во кој има постулати кои треба да ги прифатат сите политички партии и да се изгради национален консензус за најважните државни прашања, позиции и политики.

Главните насоки од Манифестот ги образложија Антонио Милошоски, Илија Димовски и Никола Попосли.

– ВМРО-ДПМНЕ тргнувајќи од обединувачка замисла за државата, мисијата на Манифестот за Единствена Република Македонија е да се обезбеди иднина на нашиот народ во демократска, унитарна, политички стабилна, праведна, напредна и пазарно ориентирана држава – Република Македонија, каде претприемништвото е движечка сила, а ние сме сплотени како дел од нашето пошироко Европско семејство. За реализација на нашата мисија, ќе се водиме од следните долгорочни принципи.

manifest-za-edinstvena-republika-makedonija

Обединување околу национален интерес

  • Национален дијалог

Воспоставување на редовен дијалог помеѓу секоја власт и опозиција за прашања од национален интерес.

Дијалогот да се одвива и решенијата да се изнаоѓаат секогаш во рамки на институциите на Републиката, од страна на претставници кои се избрани од граѓаните. Истото е најефикасна заштита од надворешни влијанија или реализација на агенди кои не потекнуваат од заедничкиот интерес на македонските граѓани.

  • Идентитет

Зачувување и промоција на националниот, културниот и јазичниот идентитет на Македонците во земјата и надвор, како и обединет настап против недемократските притисоци со цел негирање на истиот, секаде каде што тоа е случај.

Зачувување и промоција на идентитетот и посебностите подеднакво на сите наши граѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други. Разновидноста на сите овие култури е нашето најголемо богатство, кое сите треба да го негуваме.

Негување на изворното и на она што припаѓа на сите – нашиот јазик, обичаи, песни, историја, милениумската традиција на писменост и традициите на нашата книжевност и уметност.

manifest-za-edinstvena-republika-makedonija4

  • ЕУ и НАТО

Членството во ЕУ и НАТО е наш интерес и обединувачка цел, каде природно припаѓаме. Република Македонија ја гледаме духовно и културно сплотена во заедницата на Европски народи, како институционално, така и економски интегрирана во Европската Унија.

Со цел да обезбеди поефикасна прекугранична соработка во соседството, корисно е формирање на европски регион помеѓу Република Македонија и соседните земји за подобро користење на ЕУ фондови, особено во делот на зачувување на природата, водите и транспортните коридори.

  • Право наспроти сила

Признавање на македонската национална самосвест и јазична посебност од европските и меѓународните институции, врз база на гаранциите од Европската конвенција за човекови права и Универзалната декларација за човекови права кои мора неселективно да важат за сите.

Истото е предуслов за надминување на наметнатата разлика околу името. Разликата се наведува како причина за блокада на патот кон членство во ЕУ и НАТО. Оттука, може да се надмине единствено  како дел од пристапниот процес, врз база на стекнатото право на Унијата и меѓународното право, вклучително и пресудата на Меѓународниот Суд на Правда во 2011 година.

  • За името

Нема да се прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име Република Македонија. Нема да прифатиме идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Нема да дозволиме кое било решение да биде прифатено од страна на политичари и поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството граѓани кои ќе излезат на рефендумот да се согласат со можното решение.

  • Заедно против заканите

Обединување против секоја политичка структура или поединци кои поттикнуваат раздор или радикализам од верска или национална природа, но и против тие кои охрабруваат на било кој начин екстремна идеологија или пак регрутираат борци во терористички организации, било да се од домашно потекло или да се странци на териотријата на Македонија.

Интеграција во едно општество

Република Македонија им припаѓа на сите свои граѓани, без разлика на етничко потекло, религија или мајчин јазик. Граѓаните се срцето на нашиот Устав. Индивидуалните права и слободи на граѓанинот согласно  Уставот се нашата обединувачка сила.

Обединувањето преку нација, вера и култура е формула за Европска интеграција, каде секој може лично да развива сопствени чувства. Тоа е и формулата која остава простор за јакнење на поврзувачкиот фактор во општеството.

Јазици

Македонскиот јазик е тој што овозможува интеграција на сите граѓани во едно општество без разлика на нивното потекло.

Наша должност и богатство е негување и промоција на албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот, влашкиот, бошњачкиот јазик согласно Уставот и европските стандарди, а во духот на мултикултурната традиција на нашата земја.

Почитувањето на правата и обврските за сите културни заедници подеднакво е најдобра гаранција за спречување на дискриминација и негување на посебностите.

Иницирање на дијалог со соседите со цел воспоставување на соодветни стандарди за јазични права во рамки на регионот, а во согласност со европските стандарди. Со таков пристап би се одбегнале двојни стандарди и мешање во внатрешните работи на соседи, за сметка на добрососедството.

Политиката за користење на немнозинските јазици треба да биде отворена кон сите, а секогаш во функција на развивање на едно општество каде способноста на поединецот е клуч за успех, без разлика на потеклото.

  • Самоидентификување

Македонскиот народ не може да биде надгласуван во однос на македонскиот идентитет. Ниедна заедница не треба да биде надгласувана за теми кои го засегаат нејзиното право на самоидентификување.

  • Образование

Заштита на правото на образование на децата на мајчин јазик, без разлика на етничката самоидентификација на родителите е клучна за развојот на Единствена Македонија.

Училиштето или богослужењето не смее да бидат алатка за наметнување на култура, јазик или доминација, туку уште едно средство за  сплотување и интегрирање.

  • Религија

Верската толеранција е суштествена за животот во мултикултурна Македонија. Нашите цркви, нашите џамии и нашите синагоги се нашите духовни храмови. Верските заедници во Макeдонија се неотуѓив дел од македонскиот менталитет и македонското општество.

Солидарноста и подготвеноста да му се помогне на сиромавиот се во духот и на христијанството и на исламот и на јудаизмот.

  • Традиција

Историското помнење овозможува ренесанса на традицијата. Потребно е да се оживеат старите традиционални вредности. Семејството и солидарноста ги сметаме за темел на културата што ги слави животот и вистинските вредности. Тоа подразбира и култура на напорна работа,  деловна чесност, претприемништво и мултикултурен соживот како вредности кои не обединуваат.

Секој граѓанин има лична одговорност кон Единството во Република Македонија. Носителите на јавни функции имаат посебна одговорност за поврзување помеѓу сите граѓани со различно потекло и градење на мостови во општеството.

manifest-za-edinstvena-republika-makedonija2

Почитувањето на Уставното уредување и законите на целата територија, без селективност е предуслов за успешна држава. Културата на законитост и на почитување на законите, доверба во правниот поредок и лојалност кон државата се клучни за владеење на правото.

Согласно Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување. Индивидуалните права на граѓанинот, но и обврските, се пред се, а од нив се водиме кога креираме политики.

Принципите од Уставот за заштита на правата на немнозинските заедници на централно ниво доследно да се применува во сите единици на локалната самоуправа и за сите заедници без исклучок, но и без разлика какво е мнозинството на локално ниво.

Попис да се спроведе без одлагање со цел квалитетно планирање на политиките како и за конструктувен дијалог на меѓуетнички теми. Истиот мора да е статистичка, а не политичка операција. Затоа е потребно да се води строго според методологијата на европската статистичка агенција “Еуростат” и  Организацијата на Обединетите Нации, вклучително да има и механизам за контрола на постојано место на живеење и престој во државата, како и гаранции за автентичност на лични податоци и потврда на идентитет на лицата преку дигитализација на отпечатоците.

Воведување на механизами за  следење на владеењето на правото на локално ниво, вклучително наплатата на локални давачки и практична примена на законодавството, согласно најдобрите европски практики, како и воведување мерки за унапредување на примената на целата територија на Републиката.

Територијална поделба водена од економско-географски критериуми со цел надминување на недоследностите од политичкото определување на локалните граници.