Sunday, Apr 28, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионВалкани чевли и писмо за косовскиот премиер: Исчезнатите лица се отворена рана

Валкани чевли и писмо за косовскиот премиер: Исчезнатите лица се отворена рана

Во пресрет на Меѓународниот ден на исчезнатите лица, претседателот на Косово и организациите за човекови права, апелираа на итно решавање на прашањето за 1.666 лица, кои сѐ уште се водат за исчезнати од војната во 90-тите години – пренесува BalkanInsight.

Младинската иницијатива за човекови права во Приштина вчера на косовскиот премиер, Иса Мустафа му испрати кутија со чевли, кои ги симболизираат изчезнатите, со пропратно писмо во кое се вели дека „се загрижени поради негрижата (на официјалните лица) за исчезнати лица“.

„И покрај тоа што поминаа 17 години од војната во Косово и 8 години од прогласувањето на независност, нашата држава сѐ уште не го поставила ова прашање како приоритет, оставајќи ги семејствата на исчезнатите лица да лутаат по разни локации на гробишта, со надеж дека ќе слушнат некоја вест за своите сакани“, се вели во писмото на Иницијативата.

Иницијативата нагласува дека прашањето за исчезнатите лица треба да биде вклучено во тековниот дијалог меѓу Косово и Србија, кој се води со посредство на ЕУ, како и дека во учебниците треба да има повеќе значајни и точни информации за тоа што се случило за време на војната.

„Учебниците одобрени од страна на Владата на Република Косово, содржат многу малку информации за овие настани, при што наративите кои се користат во училиштата и јавниот дискурс се исклучиви и не обезбедуваат целосна слика за настаните од минатото“, нагласува Иницијатива.

„Не учиме за нашите врсници – Албанци, Срби, Бошњаци, Роми, Египќани, Ашкали, Турци, Горани и други, кои сѐ уште се водат за исчезнати“, се додава во соопштението.

Претседателот, Хашим Тачи изјави дека исчезнатите лица и натаму се една од најтешките рани здобиени во војната во Косово. Решавањето на судбината на исчезнатите е една од најитните задачи со кои се соочува земјата, изјави Тачи, во пресрет на Меѓународниот ден на исчезнатите лица, кој се обележува на 30 август секоја година.

„Војната остави многу рани, но една од најтешките се исчезнатите лица“, се вели во соопштението. Ова прашање „ги притиска семејствата на жртвите, но и општеството во целина, односите меѓу заедниците, но и шансите за подобра иднина“. Тачи потенцира дека косовските власти и јавноста секојдневно се потсетуваат на исчезнатите лица.

„Тие не гледаат од фотографиите закачени за оградата на Собранието на Косово. Не бараат семејствата. Не потсетуваат спомениците кои ги гледаме на улиците на Косово. И на денот каков што е 30 август, ветуваме дека секогаш, постојано и упорно ќе бараме што поскоро да се расветли судбината на секој граѓанин на Косово, за да можат и семејствата на исчезнатите лица да го најдат својот мир“, нагласи Тачи.