Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаУзбекистанец од Прага плаќа лобисти во САД да пишуваат против СЈО

Узбекистанец од Прага плаќа лобисти во САД да пишуваат против СЈО

Познатата лоби-компанија Меркјури на 22 февруари оваа година, пријавила договор за лобирање со извесна Фондација Либертас, основана во август 2016-та година и регистрирана на адреса во Њујорк, објави „360 степени“. Според документот, Фондацијата Либертас ја најмила компанијата Меркјури за лоби-услуги за, како што пишува, Романија, Бугарија, Македонија, Србија и Грција.

Лицето посочено како контакт во името на Фондацијата Либертас – извесен Бекзуд Исакџанов и за меил адресата за контакт: black999gold@gmail.com. Според информациите, Бекзуд Исакџанов е по потекло од Узбекистан, но и дека извесен период имал адреса на живеење во главниот град на Чешка, Прага.

Според документот од архивата на американскиот Сенат од август 2016 година, меѓу лобистите на Меркјури што официјално се пријавени дека ќе даваат услуги за Фондацијата Либертас е и Адам Ерели, поранешен американски амбасадор во Бахреин и заменик-портпарол на Стејт Департментот. Адам Ерели лично е потписник на текст во кој отворено се критикува работата на Специјалното обвинителство на Катица Јанева, објавен во The Hill, во ноември 2016-та година. Медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ тогаш во еден глас го пренесоа текстот на Адам Ерели.

The Hill и во минатото беше форум во кој се објавуваа текстови со кои се поддржува ВМРО-ДПМНЕ и се критикува СДСМ, дел од нив подоцна пријавени од лоби-компаниите на ВМРО-ДПМНЕ како платени лобистички објави.