Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаУставен поведе постапка за бесплатниот автобуски превоз на студентите

Уставен поведе постапка за бесплатниот автобуски превоз на студентите

Уставниот суд на вчерашната седница поведе постапка по иницијативата поднесена на Одлуката на Градот Скопје за давање субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје за 2017 година, во делот „и бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети“. Одлуката е донесена од Советот на Град Скопје во декември 2016 година.

Подносители на иницијативата се студенти од Факултетот за правни науки при Универзитетот Американ Колеџ – Скопје. Тие ја оспоруваат Одлуката во делот „државни“ универзитети, бидејќи според нив има дискриминација, односно нееднаков третман меѓу студентите на државните и приватните универзитети.

Инаку, со оваа Одлука Градот Скопје му дава субвенции на ЈСП Скопје за оперативни трошоци и потешкотии во работењето, за набавка на опрема за имплементација на систем за интелигентна наплата, за бесплатен превоз на возрасни лица над 62 години старост за жени и над 64 години старост за мажи во вторник, петок, сабота и недела и за бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студиии на државните универзитети.