Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАСветУапсени околу 900 исламски милитанти во Бангладеш

Уапсени околу 900 исламски милитанти во Бангладеш

Околу 900 исламски милитанти се уапсени во широка полициска рација во Бангладеш, спроведена по серијата напади и убиства на припадниците на немуслиманската заедница во земјата и секуларни граѓани. Во соопштението на властите во главниот град Дака се вели дека операцијата била изведена во текот на ноќта, во живеалиштата и местата каде се собираат исламистичките милитанти.

Во Бангладеш во изминатите неколку години, околу 40 лица, вклучувајќи повеќемина блогери-секуларисти, професори и интелектуалвци, како и припадници на религиозните малцинства, се нападнати и брутално убиени, најчесто со мачети.
Последен таков напад е извршен вчера врз еден припадник на хинду манастир, во областа Пабна.

Полицијата соопшти дека трага по убијците и налогодавачите за бруталните напади во сите досегашни случаи, но досега никој не е фатен, обвинет или казнет. Со обемната рација се настојува да се дојде до потесен круг на осомничени за сите злосторства. Владата е остро критикувана дека не прави ништо да ги заштити секуларистите и да ги спречи новите напади и убиства на религиозните неистомисленици.

Бангладеш порано беше Источен Пакистан и составен дел на пакистанската држава, создадена по заминувањето на Британците од индискиот потконтинент. Пред повеќе од 40 години, Истокот се отцепи од тогашниот Западен Пакистан и формира нова држава – Бангладеш. Земјата е во најголем број муслиманска, во која осум отсто од населението се припадници на Хинду религијата.