Sunday, May 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепублика„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа журката

„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа журката

И додека во светот, се бројат рекорден број на жртви и заразени од КОВИД-19 пандемијата, во комплексот „Градиште“, младите од цела Македонија „танцуваа со ѓаволот“. Во оваа земја, ѓаволот одамна ја има однесено шегата, но дали ќе дојде по своето ќе видиме за неколку седмици.

Нашите здравствени работници, кои грчевито се борат со заболените од корона вирусот, и ги цедат последните атоми од своите сили, за да спасат човечки животи, на другиот крај од Македонија, некој решил лудо да се забавува. Многумина би рекле: со ваква младина- Македонија не треба да се грижи за својата иднина. Се разбира иронично.

Се поставува прашањето, дали нашите млади, немаат ниту грам совест и свест, дека со ова свое „ лудо“ однесување, освен што го загрозуваат своето здравје, го загрозуваат и на најблиските, и целокупното јавно?

И не станува збор само за плажата „Градиште“, туку и преполнетоста на охридските капацитети, тие во Дојран и во Преспа? Во овие летни горештини, сите сакаат да избегаат од тропските температури и да се разладат. Но, во вонредните околности на корона пандемијата, разумот треба да биде пред желбите и потребите.

Граѓаните, мора да избегнуваат масовни собирања и гужви, на сопствениците на локали, не смее профитот да им биде пред здравјето, а институциите на системот (тие кои формално ги има), да ги преземат надлежностите во свои раце и да дејствуваат.

Вака потфрлија сите, и младите и возрасните. И сопствениците на локалите, и плажите, и одговорните. Статистиката околу КОВИД-19 пандемијата, вели дека најмногу заразени и починати има во земјите од третиот свет, односно тие кои немаат одговорни граѓани, и тие кои немаат функционални институции.

Не треба да се биде паметен, за да се констатира ние во која категорија припаѓаме. Додека светот грчевито се бори и е во трка со времето, да ја создаде потребната вакцина против Корона вирусот, или пак да изнајде лек, некој кривата на заразени, со молскавична брзина ја искачува нагоре.

Ќе помине и ова жешко лето, ќе поминат и лудите забави, ќе остане срамот од примитивното однесување, и стравот дека „ Градиште“ ќе стане кластер кој со брзина на светлината ќе ја пренесе заразата насекаде низ Македонија. Следува есен, период во кој има по традиција, сезонски грипови. Со вакво поведение, Македонија не може да очекува скоро победа над КОВИД-19.