Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСЈО ја обжали одлуката да не се замрзне имотот во „Триста“

СЈО ја обжали одлуката да не се замрзне имотот во „Триста“

Специјалното јавно обвинителство вчера поднело жалба до Кривичниот совет за одлуката на судија на претходна постапка, Јелена Јосифовиќ, со која е одбиено барањето на обвинителството за замрзнување имот на помошник министер за јавни набавки во Министерството за внатрешни работи, осомничен во случајот „Триста“. Кривичниот совет има рок од 24 часа да се произнесе по жалбата.

Случајот „Триста“ се однесува на јавна набавка за полициски возила. СЈО побара замрзнување на имотот на осомничениот, откако оштетено лице пријавило имотно побарување. Според обвинителство, постои основано сомнение дека осомничениот во периодот од 2008 до 2012 година со искористување на својата службена положба и овластувања, при вршење на јавни набавки, го оштетил државниот буџет за износ 453.570 евра при набавка на 300 возила за потребите на полицијата.

За вчерашното кратко присуство на бизнисменот Сеад Кочан, заедно со неговиот адвокат Никола Додевски, од обвинителството информираа дека Кочан требало да даде исказ, но е побарано дополнително време за увид во доказите. СЈО треба дополнително да му достави нова покана за давање исказ.

Дополнително, во текот на вчерашниот ден дел од медиумите објавија дека истражители на ова обвинителство од вчера се во општина Чаир како дел од предистражната постапка. Иако нема официјална потврда од СЈО, се ретпоставува дека станува збор за истражување на дивоградбите на територијата на општината, што беше тема на разговорите во дел од прислушуваните материјали.