Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаПритисоци врз УПОЗ – се бараат списоци за оние кои штрајкуваат

Притисоци врз УПОЗ – се бараат списоци за оние кои штрајкуваат

На деветтиот ден од штрајкот во судовите во Република Македонија, денес почнаа и првите притисоци врз вработените, се наведува во соопштението на УПОЗ. Денеска со допис од претседателот на Судскиот буџетски совет на претседателите на судовите им беше наложено, веднаш да достават списоци за тоа кои вработени штрајкуваат.

За Синдикатот ова е обид да се направи поделба на вработените и да се заплашат дека доколку и натаму продолжат со штрајкот ќе добијат само 60% од платата. Но ваквиот притисок уште повеќе ги тера да истраат во борбата за остварување на главните барања од штрајкот, зголемување на додатоците на плата и измена на Законот за судска служба.

Синдикатот на УПОЗ е изненаден од ваквиот нов однос на Судскиот буџетски совет кој веројатно уште еднаш сака да бидат казнети судските службеници – прв пат беа казнети кога надлежните не предвидоа зголемување на додатоците на плата и сега со евентуално намалување на нивата плата. Изгледа дека надлежните не знаат дека 70% од вработените во судовите земаат плата под просекот во Р. Македонија. Затоа, доколку надлежните од судската власт решат да ја спроведат ваквата одлука, ќе ги доведат вработените во судовите во уште потешка социјална и економска состојба.

Иако до денес бевме охрабрувани дека барањата се оправдани и издржани и добивавме поддршка од судската власт и претседателите на судовите, денес тие под закана за казнување се обидоа да ги тераат вработените да се потпишат на некакви списоци, што е спротивно на законот.

Судската власт мора да разбере дека штрајкот кој е во тек е резултат на нивниот нееднаков третман на судската служба и на игнорантскиот однос спрема Синдикатот и вработените во судовите. Вината за организирање на штрајкот е кај нив и доколку вработените во судовите бидат казнети со задршка на 40% од нивните плати, само ќе докажат дека Министерството за правда и Судскиот совет се џелати на сопствените вработени.

Ова дотолку повеќе што Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација уште минатата недела доставија Предлог – спогодба по која доколку прифатеа да преговараат и ја потпишеа, штрајкот можеше да заврши веднаш. Нека ваквите притисоци им служат на честа и совеста на надлежните, кои уште еднаш потврдија дека не знаат дека во судовите покрај судиите работат стручни и компетентни судски службеници.