Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПритисоци врз алпинистката Арсова поради учество во Шарената револуција

Притисоци врз алпинистката Арсова поради учество во Шарената револуција

Првата Македонска која го искачи Монт Еверест и за што пред две години власта не и го даде оскарот за најдобар спортист, е мета на уште поголеми притисоци.

„Од спортски резултати со национален карактер и најголем промотор на РМ во светот, по заложбите за заштита на најстарото езеро во Европа, Охрид заедно со целиот ендемски свет што опстанува во него повеќе милиони години, станав државен непријател бр 1. По активистичката ангажираност за зачувување на светското природно и културно наследство на УНЕСКО, локалната власт во Охрид на неколку наврати ми се заканува и ме заплашува со информативни разговори, обвиненија и судски покани. Благодарам градоначалниче. Не ги заборавам и вашите лажни ветувања за работно место и соработка. Можеби не се договоривме за цена или бев прескапа за Вас“, посочува алпинистката Илина

Причина за ваквиот однос е нејзината поддршка на Шарената револуција, како и сите нејзини силни активности, поголеми и од голем дел на жителите на Охрид, за заштита на трската во Охридскиото езеро, како и брегот од налудничавите и профитерски проекти. Арсова во последниот период постојано е мета на закани, постојано доаѓаат судски покани на нејзината адреса, со што се врши притисок да замолчи.

„Секој што ќе го сретнам на улица во Македонија и по светов, се жали од власта и од политичката ситуација во земјава. Луѓе, ако сакате промени излезете на улица и покажете го тоа, масовно и колективно. Тоа е ваше право!!! Во спротивно, престанете да се жалите!!! #Протестирам во името на живиот свет и животната средина што остана саглам во земјава“, напиша таа пред извесно време.

Арсова во мај годинава, заедно со Филип Василески Четкар, се искачи на највисоката точка во Северна Америка, на планината Мекинли, односно врвот Денали на Алјаска, висок 6195 метри. И од таму, со македонското знаме, ја поздрави Шарената револуција и даде поддршка за промените. Денали се смета за третиот најизолиран врв на светот после Еверест и Аконкагва, кои Арсова ги има претходно освоено. Пред две години, Илина Арсова поради своите ставови, беше прескокната на манифестација „Спортски оскар на годината“ во организација на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и не и беше дадено заслуженото признание како првата Македонка која го освоила Монт Еверест.

извор:А1он