Monday, Oct 16, 2017
HomeДЕНЕШНАПолитикаПредлог на ВМРО: Двајца уредници за МРТВ, по еден од власта и опозицијата

Предлог на ВМРО: Двајца уредници за МРТВ, по еден од власта и опозицијата

Закон за владино рекламирање и комбинирана форма за функционирање на МРТВ по словенечко-германско-белгиски модел биле предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за регулирање на медиумите на вчерашните работни групи во Клубот на пратениците, дознава „Мета“.

Никола Тодоров, кој ја предводел работната група на владејачката партија, предложил финансирањето на МРТВ да биде на два начина. Едниот начин е да се финансира преку буџетот, а вториот преку радиодифузна такса. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ предложило Советот на МРТВ да остане ист, a 100 дена пред изборите, информативната програма да ја уредуваат двајца уредници, еден од власта и еден од опозицијата.

– Од владејачката партија предлагаат Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги да биде составен од седум члена, од нив по два члена треба да предложат ЗНМ и МАН, од кои едниот да биде од националните телевизии. Според предлогот на власта, по еден член треба да предложат и интеруниверзитетската академија, МАНУ и адвокатската комора – брифираат за „Мета“ извори од работните групи.

Исто така, дознаваме дека ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната средба предложила и намалување на казните за медиумите, а бара и сите медиуми во Македонија да се регистрираат како трговски друштва.