Wednesday, May 1, 2024
HomeДЕНЕШНАСветПоранешниот премиер на Португалија со најголеми шанси да го наследи Бан Ки Мун

Поранешниот премиер на Португалија со најголеми шанси да го наследи Бан Ки Мун

Поранешниот португалски премиер Антонио Гутереш освои најмногу гласови во вториот прелиминарен круг на гласање во Советот за безбедност на ОН за избор на нов генерален секретар на Светската организација – јавува МИА. Според дипломатски извори, неофицијално за кандидатурата на Гутереш гласале 11 членови на Советот за безбедност, двајца биле против, а двајца воздржани.

Како што јави ТАСС, според добиените гласови за поддршка на кандидатурата, на второ место се пласирал поранешниот словенечки претседател Данило Тирк, а на третото аргентинската министерка за надворешни работи Сусана Малкора.

Меѓутоа, според извори на агенцијата „Танјуг“, на второто место не е Тирк, туку поранешниот српски министер за надворешни работи Вук Јеремиќ со осум гласови за, четири против и три воздржани. Истиот извор наведува дека трета е Малкора со осум гласови за, шест против и еден воздржан.

Според „Танјуг“, Тирк добил седум гласови за, пет против и три воздржани, генералниот секретар на УНЕСКО, Бугарката Ирина Бокова седум за, седум против и еден воздржан, а раководителката на Програмата за развој на ОН (УНДП) и поранешна новозеландска премиерка Хелен Кларк шест гласови за, осум против и еден воздржан.

По гласањето што се одржа зад затворени врати, претседавачот на Советот за безбедност за овој месец, малезискиот амбасадор Дато Рамлан Ибрахим, кусо изјави дека кандидатите за генерален секретар и претседавачот на Генералното собрание на ОН ќе бидат информирани за резултатите од вториот круг, без да соопшти повеќе детали.

Во трката за нов генерален секретар на ОН се и поранешните министри за надворешни работи на Македонија, Срѓан Керим, на Молдавија, Наталија Герман и на Црна Гора, Игор Лукшиќ, актуелниот шеф на словачката дипломатија Мирослав Лајчак и некогашната извршна директорка на Рамковната конвенција за климатски промени, Костариканката Кристијана Фигерес.

Кандидатат за наследник на Бан Ки-мун беше и поранешната шефица на хрватската дипломатија Весна Пусиќ, но по првиот круг на гласање таа ја повлече својата кандидатура.

Според неофицијалните резултати од првиот круг на гласање, кои ги соопштија дипломатски извори, најмногу гласови и тогаш добил Гутереш, пред Тирк, додека третото место го делеле Керим, Бокова и Јеремиќ. Четврта била Кларк, петта Малкора, а натаму следувале Пусиќ. Фигерес, Герман и Лукшиќ.

Резулатите од прелиминарните гласања за избор на генерален секретар на ОН во Советот за безбедност не се соопштуваат јавно.