Sunday, Apr 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПо 50 евра казна за Најчевска и Пировска поради фрлање боја

По 50 евра казна за Најчевска и Пировска поради фрлање боја

Професорката Мирјана Најчевска и Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет, поради фрлање боја се казнети со парична казна од по 50 евра  или со некоја општо корисна работа.

Како учесници во движењето „Протестирам“ и во Шарената револуција, денеска им беа изречени прекршочни казни за прекршок на Законот за јавна чистота поради фрлањето боја на објекти за време на протестите.

Пировска, по информативниот разговор во полициска станица „Центар“, изјави дека признала дека фрлила боја, но дека не се чувствува виновна.

„Сметам дека тоа е мое легитимно право како граѓанин на оваа држава да го изразам револтот за она што ни се случува во државата и за политиките на оваа криминална власт“, изјави Пировска.

Додека пак, професорката Најчевска која го бојкотираше распитот и испрати само адвокат во станицата, рече дека ќе продолжи да учествува во Шарената револуција и дека ќе бара авторизација на нејзиното боење на спомениците и зградите бидејќи тоа го смета како разубавување на објектите.

„Немам намера да платам, ниту да служам каков било општокорисен труд. Можеби Претседателот ќе ме помилува за ова дело“, изјави Најчевска.

Одбраната на Пировска и Најчевска, адвокатот Звонко Давидовиќ, вели дека не им биле дадени фотографиите на кои се гледа како Пировска и Најчевска фрлаат боја бидејќи тие не можеле да бидат користени како доказ.

Тие најавија дека ќе поднесат кривични пријави за злоупотреба на службената положба против министерот за внатрешни работи,  против директорот на Бирото за јавна безбедност и против командирот на полициската станица, доколку ваквите фотографии бидат употребени како доказ.