Saturday, May 11, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеПет случаи на труење со храна во скопската гостилница „ДМ“

Пет случаи на труење со храна во скопската гостилница „ДМ“

Пет лица се затруле со храна во гостилницата „ДМ“ во Скопје, соопшти Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) повикувајќи се на известување од Центарот за јавно здравје-Скопје. Објектот е времено затворен и наложени се санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки.

Петте лица со знаци за акутно труење со храна биле примени на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби каде им била извршена епидемиолошка анкета.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат соопшти дека денеска извршил вонреден инспекциски надзор во Гостилница ДМ, лоцирана на ул. „Орце Николов“, заедно со екипа на Центарот за јавно здравје Скопје и претставници од Агенција за храна и ветеринарство.

Од извршениот вонреден инспекцискиот надзор било констатирана незадоволително одржувана општа хигиенска состојба во објектот и веднаш е извршена превентивна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на објектот од овластена установа, согласно закон. Се употребувало наменско дезинфекциско средство за простор и опрема со уреден рок на употреба согласно закон, сите вработени лица имале извршено задолжителен здравствено-хигиенски преглед, согласно закон и правилник, вработените лица во кујна користат заштитна опрема при работа, а сите присутни вработени лица носеле работна облека.

При надзорот се земени брисеви за микробиолошко испитување и тоа од работни површини во кујна и од кујнска опрема, брисеви од нос и грло од присутните шестмина вработени лица, испироци од раце од четворица затекнати вработени лица во кујна и на шанк и пет мостри од храна според епидемиолошкиот увид на медицинската екипа.

Објектот е времено забранет за употреба и ставена е лента, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат наложил варосување на објектот, генерално механичко чистење на објектот, вонредна дезинфекција на објектот од овластена здравствена установа и вонредни здравствено хигиенски прегледи на сите вработени лица.