Wednesday, May 1, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаНови мерки за угостителите, реакциите од позитивни до крајно негативни

Нови мерки за угостителите, реакциите од позитивни до крајно негативни

 

По зголемениот број на новозаразени случаи од Ковид-19 во последните неколку денови, и реакциите во јавноста од неконтролираните забави, каде што голем број на угостителски објекти не ги почитуваа препораките за дистанца, Владата ги прифати предложените мерки на Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат забрана за гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на 4.

 

Министерот за здравство ги образложи овие нови мерки, кои треба да функционираат во есенскиот дел од годината и во пресрет на зимата, кога угостителските објекти работат во затворен простор.

 

 

 „Тоа значи дека повеќе нема да има гостување на пејачи и диџеи во угостителските објекти. Потсетуваме повторно дека дискотеките и ноќните клубови немаа, односно во ниту еден момент не добија дозвола за работа. Понатаму се намалува дозволената јачина на звукот на 55 децибели за да се одржи препорачаната дистанца и се намалува бројот на лица коишто седат на една маса од 12 на 4 лица”, рече Филипче во изјава за ТВ 21.

Претходно, Филипче изјави дека ова се апсолутно оправдани мерки и дека сега е добар период кога треба да се имплементираат, а има план и за дополнителни рестрикции доколку тоа се изнуди.

Тој додаде дека зголемениот притисок или мини бран е очекуван и го најавувале како есенски бран по завршување на годишните одмори. Филипче информираше дека има зголемување на бројот на случаи во сите возрасни групи над 20 години, нема зголемување на бројот на случаи во групите од 10 до 20 и под 10 години. Тука е иста бројката. Најголем раст, 50 проценти, има во возрасната група од 20 до 30 години и нешто помал кај возрасната група од 50 до 60 години.

Како една од можните мерки во наредниот период тој спомена ограничување на работа на одредени економски субјекти и на бројот на луѓе во јавниот превоз, како и мерката за носење маски на отворено. Според него, за ваквите и за други мерки би размислувале во подоцнежните есенски месеци, кога се очекува и појава на сезонскиот грип, настинки поради студеното време, како и зголемена загаденост на воздухот.