Friday, Apr 26, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРЛитератураНаучен собир на млади македонисти по деветти пат

Научен собир на млади македонисти по деветти пат

Над триесет млади научници од Македонија и  странство, со свои реферати ќе се претстават на деветтиот Меѓународен научен собир на млади македонисти – Конференција во чест на Лилјана Минова – Ѓуркова, кој денеска и утре се одржува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

–  Овој собир својата традиција ја има уште од 1993 година. Идејата за организирање на собирот беше на професорката Лилјана Минова – Ѓуркова и по нејзината прерана смрт, тој се одржува во нејзина чест. Собирот е многу значаен за Филолошкиот факултет и за македонистите општо затоа што го покажува напредокот на нашиот подмладок, истакнува проф. д-р Искра Пановска-Димкова од Организацискиот одбор на собирот.

Деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје, проф. д-р Славица Велева потсети дека оваа манифестација има богата традиција од 23 години.

– Македонскиот јазик, литература и култура некој ги нарекува мали со што апсолутно не се согласувам. Македонскиот јазик го нарекуваат и егзотичен, но јас би го нарекла посебен јазик. Секој што сака да истражува, да споделува искуства од другите земји, мислам дека веќе наоѓа поддршка и поткрепа во македонистиката, рече Велева.

Првиот научен собир беше одржан на 20 и 21 мај 1993 година на иницијатива на проф. д-р Лилјана Минова – Ѓуркова од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Основниот концепт на собирот беше тој да претставува научна средба на млади научни работници чија прва или втора специјалност е македонскиот јазик. На досегашните собири учествувале над 350 млади научници.