Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАСветНАТО и руските оружја ѕвечкаат околу границите на Белорусија

НАТО и руските оружја ѕвечкаат околу границите на Белорусија

Една седмица, по одржувањето на претседателските избори во Белорусија, поранешна држава од СССР, на северот во Европа, денеска во тесни политички, воени и економски врски и односи со Руската федерација, не стивнуваат протестите. За држава која од почетокот на повеќепартизмот во земјите од поранешниот Варшавски пакт, не почувствувала промена на власта ( имено Александар Лукашенко е на власт од 1994-та година), и по овие избори, државната изборна комисија констатираше негова победа со над 80% освоени гласови, овие протести се изненадувачки за сите: и за самиот Лукашенко, и за Западот и за Путин. Никој, не очекуваше во најзакоравената европска диктатура, каде што на сила се уште важи смртната казна, дека ќе се осмелат и окуражат над 200.000 луѓе масовно да излезат и да протестираат против диктаторот и неговите изборни кражби.

Може ли Белорусија да стане Украина?

Многумина, веќе протестите во Белорусија ги протолкуваат како веќе видено сценарио од соседната Украина во 2014-та година, кога Украинците преку масовни и брутални протести го соборија од власт прорускиот украински претседател Виктор Јанукович. Западот преку „Мајдан“ обоената револуција директно се вмеша во протестите и промената на власта во најголемата европска земја, што предизвика директна воена реакција од Путин: анексија на полуостровот Крим од страна на Руската федерација и предизвикување на граѓанска војна во најисточните украински области Луганск и Доњецк. И покрај негирањето за директно вмешување на руски служби или војници во војната во Украина, состојбата на терен укажува на нешто друго. Впрочем, Украина е геополитичката порта на Русија, која Владимир Путин не сакаше и не дозволи да стане нова НАТО-земја членка по примерот на поранешните членки на Варшавскиот пакт: Полска, Унгарија, Словачка, Чешка и трите мали балтички земји: Летонија, Естонија и Литванија, кои денеска се полноправни членки и на НАТО-алијансата и на Европската Унија, трајно губејќи се од радарот на Москва.

Ќе стане ли Белорусија, нова Украина?!

Токму оваа компарација со Украина, отвора сериозни политички и воено-безбедносни прашања: до каде ќе одат овој пат и западните сили и Путин во  мерењето на геополитичката моќ, прекршувајќи ја врз грбот на 10-милионската европска православна нација. Белорусите не се прозападно  ориентирани граѓани, но очигледно 25 годишното владеење на еден човек, кај кој е концентрирана целокупната моќ, на стотици илјади граѓани им дошло веќе од повеќе.Лукашенко неколку пати телефонски разговарал со Путин барајќи директна помош доколку е потребна, а НАТО трупи, веќе почнале да прават воени вежби во Полска и Литванија, односно веднаш поред белоруската граница.Во секој случај „најдебелиот крај“ ќе го извлечат белоруските граѓани и народот кога се наоѓаат на „линијата на огнот“ помеѓу големите сили.