Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионНа Тачи повеќе не му се брза со формирање косовска армија

На Тачи повеќе не му се брза со формирање косовска армија

Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска испратил писмо до парламентот на Косово во кое бара пратениците да не гласаат за законот што би ги претворил лесно вооружените безбедносни сили на Косово во војска на Косово. Со тоа тој сака да им даде повеќе време на дипломатите од Западот да ги убедат Србите да ги одобрат промените, пишуваат некои балкански медиуми. Инаку, предлог-законот во косовскиот парламент го достави токму тој, на почетокот на март годинава.

Планот за трансформација на вооружените сили во вистинска армија наиде на силно спротивставување од Белград и од Србите во Косово. Исто така, Тачи доби силни критики од САД и од НАТО откако на почетокот од март го испрати во парламентот на Косово предлог-законот за преобразба на безбедносните сили во комплетна армија, без да се менува уставот. Со тоа тој сакаше да ги заобиколи пратениците од српското малцинство на Косово, чија поддршка е неопходна за измени на уставот, но не и за усвојување закон.

Вашингтон и НАТО предупредија дека ќе ја ограничат воената соработка со Косово ако се создаде војска на Косово без измени на уставот и без консултација на сите етнички групи. Во моментот безбедносните сили се лесно вооружени, со околу 2.500 припадници, обучувани од НАТО, а имаат овластувања да реагираат при кризи и за граѓанска заштита.