Saturday, May 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНа Кочан ќе му биде укинат притворот

На Кочан ќе му биде укинат притворот

Укинат е притворот за сопственикот на „Трансмет“ бизнисменот Сеад Кочан, дознава Алсат М од сигурни извори. Според информаците на телевизијата, ваква одлука е донесена во текот на вчерашниот ден. Со ова, се поништува домашната и меѓународната потерница која полицијата ја распиша за Кочан, уште пред речиси 2 месеци, откако бизнисменот се даде во бегство. Според ваквата одлука, за очекување е осомничениот во случајот „Труст“ слободно да се врати во Македонија.

  • Денеска испративме прашања до Кривичниот суд, но оттаму ни рекоа дека судот нема никакви решенија за објавување. Конкретно за случајот Кочан нè упатија да испратиме прашања до претседателот на судот за кои одговор би добиле во понеделник, посочија од Алсат М.

Ваквиот дополнителен заплет на настаните со Кочан следува откако пред само два дена, Кривичниот суд по барање на Специјалното јавно обвинителство го замрзна имотот и три сметки на сопственикот на „Трансмет“. Адвокатот на осомничениот денеска не сакаше да одговори на новинарските прашања околу блокираните сметки на Кочан.