Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаКривичен ги прифати обвиненијата на СЈО за „Таргет“ и „Тврдина“

Кривичен ги прифати обвиненијата на СЈО за „Таргет“ и „Тврдина“

Кривичниот суд во Скопје го прифати обвинителниот акт за случаите „Таргет“ и „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), потврдија од судот.

Како што велат оттаму, Советот за оценка на обвинителниот акт дал зелено светло предметот да оди на судење. Тој веќе бил распореден кај судија, а од понеделеник следната недела треба да биде закажан и датум за почеток на судскиот процес.

Инаку, во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, кои се споени во едно обвинение, обвинети се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, како и ексначалникот на петтата управа, Горан Грујовски и Никола Бошковски, вработен во УБК.

Тие се товарат за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето.

Грујовски и Бошковски се наоѓаат во екстрадиционен притвор во Солун, откако на 18 октомври беа уапсени на солунскиот аеродром додека со лажни бугарски пасоши се обидувале да заминат за Будимпешта.

Во Кривичниот суд и понатаму тече постапката за прибирање на материјалите за екстрадиционата постапка што ја води Министерството за правда.