Wednesday, May 8, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаИ покрај пандемијата од Ковид-19, мигрантскиот бран не стивнува

И покрај пандемијата од Ковид-19, мигрантскиот бран не стивнува

Во  екот на најголемата Ковид-19 пандемија која го тресе светот, сведоци сме и на зголемен број на мигранти кои транзитираат низ нашата земја. Во неколку полициски акции, беа пресретнати шверцери на мигранти кои од југоисточните македонски краишта сакаат да ги префрлат до северната граница кај Табановце, односно да им направат трансфер преку македонската територија. Поупатените во овој своевиден бизнис, велат дека шверцерите наплаќаат и до 300 евра по мигрант, а доколку станува збор за дете или малолетно лице, цената се зголемува двојно, па и повеќе. Казните за шверц на мигранти, согласно позитивните законски прописи во Македонија изнесуваат минимум 4 години, а  за малолетни лица, од 8 па нагоре.

 

Па сепак, и покрај големите затворски казни, неретко македонски државјани се впуштаат во ризик и со сопствен превоз ( автомобили, комбиња), ги пренесуваат мигрантите од грчката до српската граница. Поради зачестените полициски патроли, во последно време, шверцерите користат заобиколени регионални и магистрални патишта, наместо да се движат по автопатот Е 75( „Пријателство“), кој транзитира низ нашата земја во правец север-југ. Маршрутата на мигрантите е во обратен правец, од југ кон север. Бегајќи од децениските граѓански војни во своите матични земји, екплоатацијата, насилствата, или енормната сиромаштија, најчесто од Бангладеш, Пакистан, Авганистан, Сирија, но и од африкански земји како Сомалија, Египет, Судан, па дури и Мароко, западнобалканската рута им е најприфатливиот пат до за нив  ветената земја Германија. Македонија, како и останатите земји од Западниот Балкан, им се само попатни станици, низ кои транзитираат, и често пати се соочуваат со животнозагрозувачки ситуации. Неколку десетици мигранти, животот го загубија по шините на балканскиот пат кон Европа, или во сообраќајни несреќи, кога нивните шверцери, забележани од полицијата ги правеа, во обид да избегаат.