Tuesday, Sep 26, 2017
HomeДЕНЕШНАПолитикаГрујевски може да биде осуден и во отсуство

Грујевски може да биде осуден и во отсуство

grujovski1_1_0

Судијката Лидија Петровска може да го осуди во отсуство обвинетиот ексначалник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски кој е во бегство, потврди таа за САКАМДАКАЖАМ.МК преку в.д. претседателот Стојанче Рибарев, но појаснува дека тоа не зависи од неа, туку од обвинителот од Специјалното јавно обвинителство.

На 26 септември треба да продолжи рочиштето против Грујевски, кој е обвинет за незаконско палење на над 20.000 документи, списи од Управата за безбедност и контраразузнавање, кои биле докази дека нелегално се прислушувале десетици политичари, функционери, новинари, граѓани невладини активисти и бизнисмени.
На прашање дали на следното рочиште на 26 септември, Петровска може да донесе решение за да му се суди на Грујевски во отсуство, таа се повикува на Законот за кривична постапка и вели:

„За да постапува судот во конкретен предмет, мора да има писмено известување дали обвинетиот е достапен на органите на прогон или не. Ако лицето не е достапно, согласно член 365 став 3 од ЗКП, на обвинетиот може да му се суди во отсуство само ако е во бегство или е недостапен на државните органи, а притоа постојат особено важни причини за да му се суди во отсуство. Решение за да му се суди во отсуство носи судот на предлог на овластениот тужител“.

Ова значи дека ако СЈО не побара судењето да продолжи во отсуство на избеганиот Грујевски, тоа ќе се одложи поради отсуство на главниот обвинет и ќе се презакаже.

Овој судски процес се одолговлечи повеќе од една година, иако се води како брза и економична постапка, бидејќи се работи за обвинителен предлог, за дело за кое е пропишана казна затвор до 5 години.
Горан Грујевски е избеган откако Апелациониот суд Скопје му одреди притвор за други, потешки кривични дела. Јавноста дозна дека е избеган на 26 јули годинава, кога МВР отиде да го спроведе во затворот Шутка.

Таа вечер, полицијата не го најде дома ни Никола Бошкоски, раководно лице од УБК, кој заедно со првообвинетиот Грујевски доби мерка притвор од Апелациониот суд Скопје, како главни обвинети за нелегалното прислушување , во предметите на СЈО „Тврдина“ и „Таргет“.
Од 30 јули годинава, Грујевски и Бошкоски се објавени на веб сајтот на МВР, во делот „Потраги“, а за нив е распишана меѓународна потерница.