Wednesday, May 8, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаЕУРОСТАНДАРД БАНКА пропадна, ќе бидат ли обештетени граѓаните?

ЕУРОСТАНДАРД БАНКА пропадна, ќе бидат ли обештетени граѓаните?

Како гром од ведро небо, во јавноста дојде информацијата за пропаѓање на Еуростандард банка, сопственост на бизнисменот и поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски. Граѓаните со право се прашуваат, што ќе се случи со нивните заштеди и банкарски депозити во оваа банка.Во морето на дезинформации, шпекулации и полуинформации, работите полека почнуваат да се разјаснуваат. Корисници на услугите на Еуростандард банка ќе бидат обештетени, а сефовите ќе може да се празнат наскоро. Во Банката имало штедни влогови во износ од 71,5 милиони евра. Во меѓувреме физичките и правните лица нема да може да ги користат сметките во банката и се упатуваат да си отворат сметки во други банки и за тоа да ги известат соработниците и институциите од каде очекуваат приливи на своите сметки. Банката на која Народна банка и ја одзеде дозволата за работа, опфаќала 1,3 отсто од банкарскиот систем во земјата, па не се очекува затворањето да влијае на стабилноста на банкарскиот сектор.

 

 

По бурните реакции на социјалните мрежи, сопственикот Костовски најави конференција за печат на која ќе и се обрати на јавноста, за да ги расчисти сите дилеми и да ги одговори сите прашања.

Парите на граѓаните кои ги користеле услугите на Еуростандард банка се осигурени и граѓаните ќе бидат обештетени. Народна банка на Македонија (НБМ) вчера и ја одзеде дозволата на Еуростандард, оти не ги исполнувала минималните законски услови за работа.

Преку Фондот за осигурување на депозити (ФОД) ќе бидат обештетени граѓаните и тоа во износ до 30 илјади евра по лице. Исплатата ќе почне во рок од 20 дена. Во соопштението од НБМ и ФОД се наведува дека ќе бидат обештетени депозитите на 99,4 отсто од физичките лица – депоненти во Еуростандард банка АД Скопје. А вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени изнесува околу 4,4 милијарди денари или 71, 5 милиони евра, заклучно со состојба на 31 јули 2020 година.

Куриозитетно претседател на управниот одбор  на оваа банка е Горан Трајковски, првиот човек на Управата за  јавни приходи во ерата на владеењето на поранешниот премиер Никола Груевски. Актуелната министерка за финансии Нина Ангеловска негира дека навреме ги повлекла своите 200.000 евра, како што многумина ја обвинија на социјалните мрежи. Од образложението на НБРМ, може да се заклучи дека оваа банка во континуитет имала проблеми со работењето, односно одлуката не претставува изненадување за поупатените во банкарскиот и финансискиот сектор. Првиот човек на оваа банка во изјава за медиумот „Фактор.мк“  истакна дека уште минатата година барал да му биде одземена дозволата за работа, бидејќи од денешна перспектива тој „заглавил“ уште 15 милиони евра со банката.