Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитров пресече – патувањата на дипломатите не смеат да се чуваат во тајност

Димитров пресече – патувањата на дипломатите не смеат да се чуваат во тајност

Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров донел решение со кое се укинува тајноста на сите документи кои се однесуваат на службените патувања на шефот на дипломатијата и на сите вработени во МНР, соопшти вчера МНР.

Ова значи дека документите поврзани со службени патувања на вработените во Министерството за надворешни работи повторно стануваат информации од јавен карактер, односно медиумите и јавноста ќе имаат пристап до нив.

„Министерството за надворешни работи на Република Македонија ги информира медиумите и пошироката македонска јавност дека, во духот на транспарентноста и отчетноста пред сите граѓани, со решение на министерот за надворешни работи донесено на 12.06.2017 година се укинува претходното решение на заменик-министерот за надворешни работи од 14.02.2017 година за класификација на сите документи кои се однесуваат на службени патувања на министерот и сите вработени во Министерството, како и сите службени патувања на лица кои се во делегација или во придружба на истата“, стои во соопштението.

Од МНР велат дека решението на Димитров е „производ на посветената заложба на Министерството за целосна транспарентност пред граѓаните и пошироката македонска јавност и отчетност за работата на Министерството и начинот на трошење на парите на даночните обврзници, без притоа да ја загрози сензитивноста или безбедноста на својата работа“.