Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДармановиќ: Ако реформите одат добро, Македонија би требало да биде дел од ЕУ во 2025

Дармановиќ: Ако реформите одат добро, Македонија би требало да биде дел од ЕУ во 2025

Македонија и Црна Гора имаат отворени и неоптоварени билатерални односи, но потребно е да се работи на подобрување на економската соработка меѓу двете земји, оценија по денешната средба шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и неговиот црногорски колега, Срѓан Дармановиќ.

На средбата, како што соопштија, било разговарано за искористување на потенцијалите за економска, но и за соработка на полето на културата и на транспортот.

Министрите заклучиле дека двете земји делат иста визија за стабилен и просперитетен регион и за европска и евроатлантска интеграција на целиот регион. Во контекст на тоа, Дармановиќ соопшти дека официјална Подгорица, која досега има 28 отворени и три затворени поглавја во преговорите за влез во ЕУ, е подготвена да го сподели своето искуство за да и помогне на Македонија побрзо да напредува во евроинтеграциите.

На новинарско прашање, дали Македонија би можела да ги стигне Црна Гора и Србија и до 2025 година заедно да станат дел од ЕУ, министрите изразија надеж дека земјата ќе влезе во овој пакет и дека ќе има јасни критериуми и исти услови за сите.

– Црна Гора смета дека секоја земја треба да биде оценувана според постигнатите резултати. Сметаме дека тој принцип е одличен за секоја земја-кандидат. Тој принцип може да биде особено корисен и за Македонија. Ако реформите одат добро, зошто Македонија не би влегла во кругот на овие земји кои се спомнати. Изјавата на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер е охрабрувачка – рече Дармановиќ.

Димитров повтори дека Владата ќе направи сè за да го фатат возот и да ја убедат Комисијата и нејзиниот претседател, во документот што ќе биде објавен во февруари да има простор Македонија да го надомести заостанатото во евроинтеграциските процеси.