Wednesday, May 8, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЧленовите на ДИК сложно си поделија по 3.600 евра, се уште поделени за избирачкиот список

Членовите на ДИК сложно си поделија по 3.600 евра, се уште поделени за избирачкиот список

Членовите на Државната изборна комисија си поделиле по околу 3.600 евра за досегашниот ангажман во комисијата. Секој член на ДИК месечно добива и по околу 1.000 евра плата. Ова го изглааа членовите на една од последните седници, со 9 гласа „за” и ниту еден „против“.

Дискусијата за оваа точка од дневниот ред поминала без никакви вообичаени расправии на членовите на ДИК. Никој ништо не кажа за ничиј ангажман, за недоаѓањето на работа на некои членови, за бојкотот, конечно никој ништо не кажа и за тоа дали работата е завршена или не. Дали овие пари се заслужени или не?

На другите теми, резултатот е поразителен – ДИК потроши многу време и пари, а резултат нема. Консензус, за тие прашања, многу ретко се постигнува. Но, не и кога станува збор за хонорарите. На последната седница на која се разговарало за евалуацијата на работата, ДИК заклучи дека во наредниот период ќе продолжи со активностите за дополнителна проверка и ажурирање на избирачкиот список.

Од соопштението на ДИК произлегива дека избирачкиот список е вратен на интернет страницата и дека продолжува „граѓанска проверка“ на списокот.

Освен тоа, ДИК за во септември планира да организира и меѓународна конференција посветена на проверката на списокот, а повторно ќе се активира и работната група составена од 5 членови на ДИК, претставници од неколку владини институции, претставници од четирите политички партии, ОБСЕ, ИФЕС, амбасадите на САД и ЕУ, како и на граѓански организации.

Во соопштението се вели дека ќе се работи на „активности за целосно преземање на избирачкиот список преку негова брза имплементација на апликацијата за методолошка обработка“.

Од извештајот за евалуацијата на работата на ДИК произлегува дека „постоеле политички влијанија и притисок од јавноста и медиумите во процесот на прочистување на избирачкиот список, кој се засилувал како што наближувал датумот на одржување на изборите“.

Освен тоа, ДИК и натаму е без одговор за 97.000 лица кои немаат валидна лична карта и живеалиште, за 18.000 лица за кои нема апликации дека побарале лични карти, за 40.000 лица кои не се пронајдени на адресите при теренската проверка, за 12.000 лица за кои не се најдени податоци, за 120 илјади печалбари…

По последното одложување на изборите договорени за 5 јуни, сега политичките партии повторно ја враќаат во игра активната регистрација на гласачите.

извор:Мкд.мк