Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАВМУ сака да ги стави под контрола и порталите за време на избори

АВМУ сака да ги стави под контрола и порталите за време на избори

Агенцијата аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска побара измени на Изборниот законик во делот за медиумите, кој освен за електронските медиуми, би се однесувал и за интернет порталите и нивната работа за време на изборните кампањи на политичките партии.

АВМУ предлага да се скрати времетраењето на изборното рекламирање на телевизиите и радијата од 18 на 12 минути, но исто така како платена политичка програма да се сметаат и објавите на невладините организации пренесуваат некаква политичка порака.

Агенцијата смета дека со измените треба да бидат опфатени и интернет порталите, чие работење, особено во изборниот период не беше регулирано.

Според предлозите на АВМУ, интернет порталите нема да смета да се финансираат и да даваат донација на политички партии, да не објавуваат реклами финансирани од јавни средства во период кога тоа е забрането и за останатите медиуми, да утврдат и да достават ценовници пред почетокот на кампањата и да ги почитуваат правилата за објавување резултати од анкети.

Од агенцијата велат дека обврската изборите да се покриваат на правичен и избалансиран начин, како што тоа го предвидува член 75, став 1 од Изборниот законик не може да се примени кај интернет порталите, но бараат и интернет порталите да го почитуваат изборниот молк и да достават извештаи до надлежните институции за искористениот рекламен простор за време на изборната кампања, како и за платените или средствата за кои имаат побарување.

АВМУ исто така бара со Законот за медиуми да се утврди опфатот на поимот „интернет портали“. Тие сметаат дека и порталите треба да се регистрираат како издавачи и да ги почитуваат одредбите од Законот за медиуми, кој предвидува именување одговорен уредник, забрана за дискриминација, нетрпеливост и омраза, објавување импресум, јавност во работата и право на исправка и одговор.