Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаАЕК информира – како да го користите намалениот роаминг и да избегнете високи сметки

АЕК информира – како да го користите намалениот роаминг и да избегнете високи сметки

Денеска на граничниот премин Табановце тимови на македонската Агенција за електронски комуникации (АЕК), презентираат информации за регионалното намалување на цените за 73 проценти за минута разговор во роаминг и за 90 проценти на мегабајт интернет од Македонија кон Србија, БиХ и Црна Гора. На граѓаните кои патуваат во соседните земји им беше укажано дека од вчера стапи во сила Спогодбата за пониски цени во роаминг меѓу четирите држави и подели флаери со условите и начинот за користење на роамингот.
granica
Целта, според директорот Роберт Орданоски, е граѓаните да се информираат за новите поволни цени, како и за начинот за избегнување високи сметки кои во минатото беа чести при патувања. Тоа, нагласи, беше особено изразено по летните одмори кога бројот на приговори во АЕК беше голем. Агенцијата за електронски комуникации, појасни Орданоски, спроведе повеќе акции да ги превенира случаите и проблемите со приговори од граѓаните за високи телефонски сметки по враќање од странство.

Нови цени на роамингот
Според договорот што стапи во сила вчера, за минута појдовен повик се наплаќа по 17,9 денари, а за дојдовен по пет денари. СМС-порака може да се испраќа а 5,6 денари, а мегабајт интернет чини 43,2 денари. Цените се без пресметан ДДВ, а ќе важат до 30 јуни следната година по што ќе следи ново намалување. Оттогаш минута разговор треба да се наплаќа за 14,8 денари, СМС-порака 4,92 денари, а мегабајт интернет 27,8 денари. Од 1 јули 2017, пак, минута разговор треба да чини 11,6 денари, цената на СМС-пораката да се намали на 3,7 денари, а на интернетот до 12,3 денари за мегабајт.

„Без високи сметки во роаминг“
На овој начин АЕК нуди практични совети и информации за заштита од непријатни изненадувања поради превисоки телефонски сметки по завршување на патувањето. Регулаторното тело им укажува да се информираат за цените и условите на нивниот оператор за користење роаминг пред да заминат на пат, како и за начинот на тарифирање на секоја од услугите. Секогаш пред да ја напуштат државата да го исклучат преносот на податоци на нивниот телефон и да го вклучуваат по потреба.

Да настојуваат да користат повеќе ви-фи мрежи, а ако одлучат да користат интернет што се наплаќа да инсталираат апликација за мерење на трансферот на податоци за да знаат колку навистина потрошиле. АЕК укажува и дека цените за мобилни услуги во странство се разликуваат зависно од избраниот оператор и државата во која се наоѓа корисникот, и оти потрошениот интернет зависи и од содржините што се прегледуваат на телефонот.

Во насока на намалување на високите сметки што ги добиваа граѓаните за роаминг-услуги, АЕК воведе задолжителна обврска за операторите да ги информираат корисниците со порака ако надминат сметка од 3.000 денари со прашање дали сакаат да продолжат со сервисот, и ако направат сметка за интернет до 1.000 денари.