Ненајавени инспекции на Клинички – констатирана лоша хигиена
Синоќа во вечерните часови, по насока од министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и претставници од кабинетот на министерот за здравство извршиле вонреден инспекциски надзор во: Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Ургентен центар, Трауматологија, Ортопедија и Институт за белодробни заболувања и туберкулоза.
При надзорот на Клиниката за гинекологија е констатирано дека општата санитарно-хигиенска состојба не е на задоволително ниво, а медицинскиот отпад не се селектира прописно.
Во Ургентниот центар, на Ортопедија и во Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, општата хигиенско-санитарна состојба е релативно добра, за разлика од Трауматологија каде хигиенската состојба исто така не била на задоволително ниво.
Од министерството за здравство информираат дека се преземаат мерки за отстранување на констатираните недостатоци.