Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВангеловски подготвува блокада на СЈО во Кривичниот совет

Вангеловски подготвува блокада на СЈО во Кривичниот совет

Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски во петокот по третпат го изменил Годишниот распоред за работа на врховните судии, за само еден месец откако е дојден на функцијата. Вакво своеволно разместување на врховните судии е забрането, јавува „СДК“. Законот за судови вели дека интервенции во Годишниот распоред се прават само ако се наметне потреба заради ажурност во решавањето на предметите.

По неуспешен обид да ја убеди и врховната судијка Лидија Тасева да гласа за одбивање на бомбите нa опозицијата како доказ пред суд, но и Специјалното обвинителство да не може да поднесува Барање на законитоста на постапката пред Врховниот суд, Вангеловски сега од Kривичниот совет ја извадил и неа. Лидија Тасева, со претходното менување на распоредот на почетокот на април, беше ставена на местото на Лидија Неделкова, која искажа непослушност за предметот на избеганиот бизнисмен Сеад Кочан, кого СЈО го бара со потерница за случајот „Труст“. Само што ја стави Неделкова во Кривичниот совет, набргу по јавното искажување на ставот дека Кочан е предмет на СЈО, а не на обвинителот Марко Зврлевски, Вангеловски со менување на распоредот ја стави во три други совета кои не се занимаваат со кривична материја.

Врховните судии коментираат дека со постојаното менување на Годишниот распоред на врховните судии Вангеловски спрема терен, всушност, преку Кривичниот совет да ги прогласи прислушуваните разговори за неважечки како доказ во кривичните постапки што ги води СЈО.

„Бидејќи виде дека на општа седница, каде што заседаваат и гласаат сите врховни судии, не може да ги помине неговите предлози за блокирање на Специјалното обвинителство, сега Вангеловски ќе ги преточи нив во предмети и ќе ги реши во Кривичниот совет, каде што членуваат тој и уште четворица врховни судии. Така, Вангеловски ќе избегне соочување со сите врховни судии, кои му одбиваат послушност, работата ќе ја реши во Кривичниот совет, со лојални судии“, сметаат врховните судии со кои разговаравме.

Според нив, една од тие судијки е Рахилка Стојковска, службеничка од Министерството за правда, која му беше блиска соработничка на ексминистерот за правда Михајло Маневски. Таа за врховен судија е избрана лани во септември и никогаш не работел кривична материја. На местото на Лидија Тасева, со третиот Годишен распоред Вангеловски во петокот ја ставил токму Рахилка Стојковска.

„Бидејќи двајцата судии Албанци во Кривичниот совет се против блокадата на СЈО, Вангеловски сега се надева дека со неговиот и гласот на Рахилка Стојковска, ќе успеат да го разубедат петтиот судија и гласањето да биде три спрема два во корист на неговите предлози против СЈО“, велат судиите.

На новинарско прашање дали е точно дека спорните реферати против СЈО ќе ги преточи во предмети и ќе ги помине во Кривичниот совет, вчера Вангеловски не одговори и рече: „Тоа е друга тема“. На упорните прашања, пак, зошто ја извадил кривичарката Лидија Неделкова од Кривичниот совет, Вангеловски рече: „Прашајте ја неа“.