Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСтојан Aндов: Вчерашниот инцидент е голем срам за Македонија

Стојан Aндов: Вчерашниот инцидент е голем срам за Македонија

Не смее да се дозволи состојбата дополнително да ескалира и сите страни мора да се воздржат од создавање тензии, порачува поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов. Во разговор за Алсат М, тој тврди дека начинот на кој Талат Џафери е избран за собраниски спикер е легитимен и во согласност со процедурите. Вчерашниот инцидент го нарече голем срам за Македонија.

„Тоа е надвор од секоја парламентарна практика, тоа што се случи вчера. Точно е тоа дека пратениците помеѓу себе понекогаш и се степувале, во Јужна Кореја, во Украина, не знам каде се`, но тоа е само помеѓу пратениците кои еднакво имаат доверба од народот. Ваков упад како ова јас не се сеќавам да се случил некаде, според моето познавање, а долго сум активен и присутен. Тоа ја дискредитира Македонија и Македонија е посрамена со тоа, понижена. Меѓутоа мислам дека се` ќе оди понатаму за да се стабилизираат работите; Јас овој момент сакам да го искористам за јавно да му честитам на господинот Талат Џафери за изборот за претседател на Собранието, со што е отворен патот сега и за избор на реформска влада.“

“Него го избрало парламентарното мнозинство. Тоа што опозицијата многу се бунела и била против тоа, нема правна вредност. Претседател на Собранието избира само мнозинството во Парламентот, мнозинството од пратеници и овие викотници што беа вчера надвор и во Собранието дека народот е тој што одлучува итн., сакам да кажам дека народот не избира претседател на Собрание, каков и да е. И најдобар да е, нема право. Претседател на Собранието го избираат мнозинството од пратениците, никој друг не може да го избира и никој друг нема право да го спречи тоа, а колку што знам, мнозинство гласови доби господинот Џафери и сега е претседател на Собранието. Негова обврска е сега да ги покрене сите механизми за што поскоро да се формира влада.“

„Ќе видиме дали денес и утре ќе има некои игри околу тоа, дали ќе се обидат да спречат. Мислам дека тоа е залудно и овие сили на нередот не би смееле уште еднаш да се посрамотат и да го навредат угледот на државата.“

Извор: alsatm.mk