Friday, Apr 26, 2024
HomeАЈНШТАЈНИЈААрхеологија и ИсторијаСоветската „птица“ која го преплаши Западот

Советската „птица“ која го преплаши Западот

Во почетокот на 1970-тите години студената војна беше во свој полн замав. Американците со одењето на Месечината ја добија трката во вселената, но Советите поради тоа не се предадоа на сите други полиња. Така во 1970 година американскиот сателит на советските аеродроми забележа нови авиони, налик на огромни ловци со големи крила, кои се тестираат во тајност, пишува во подолг текст за Би-Би-Си Стивен Довлинг.

Бидејќи големата искривеност подобро ја распоредува тежината, авионот станува поагилен и полесно се движи. Во комбинација со два наизглед огромни млазни мотори тоа доволно ги загрижи Американците, да се прашаат за каков авион точно се работи и кои се неговите можности. Дали е побрз од нивните? Дали можат нивните ловци да се носат со овие нови советски авиони?

По една година на Блискиот исток Израелците забележаа чуден нов авион кој летал со брзина од 3.2 Маха, значи три пати побрз од брзината на звукот и летал на висина од 20 километри. Ни тие никогаш порано не виделе нешто такво. Кога по втор пат го виделе авионот и се обиделе да го пресретнат со своите ловци, не му се доближиле ни од далеку. Истиот ефект го постигнале кога го гаѓале со проектили земја-воздух, авионот со голема брзина одлетал надвор од нивниот воздушен простор пред да експлодираат.

Такви брзини постигнувал само култниот американски шпионски авион Lockheed SR-71, познат под името Blackbird (Црна птица). Но, Црната птица не била вооружена со проектили. Овој џиновски советски авион бил. Тоа било сосема доволно за Пентагон да огласи тревога поради новиот советски борбен авион кој очигледно е побрз и по подвижен од било што, што го имаат тие.

– Тоа беше класичен случај на преувеличување врз оснв на немање на информации. Врз основ на големите крила и огромните всисувачи за воздух, мислеле дека е тоа многу брз авион, што било вистина и дека е многу подвижен, што не било – вели уредникот на Флајтглобал Стивен Тримбл. Но, без добри шпионски информации западните сили едноставно немале начин тоа да го знаат.
mig-25
Дури, не знаеле ни како се вика авионот.

Но, тоа ќе го промени еден човек – Виктор Беленко. Роден веднаш по Втората светска војна, Беленко бил примерен граѓанин, кој со упорна работа станал воен пилот. Но, откако во своите доцни 20-ти години поминал низ лични проблеми (меѓу другото и развод), Беленко почнал да се интересира за исправноста на советскиот систем и за „злобните Американци”, какви ги прикажувала пропагандата во првата комунистичка сила на светот.

За негова среќа, Беленко летал со фамозниот ловец од кој толку многу се плашеле Американците и во 1976 година сфатил дека токму тој авион, наречен Миг25, можел да биде негова карта за бегање на запад. Стациониран во базата Чикујевка близу Владивосток, Беленко бил меѓу пилотите кои биле задолжени за пресретнување на американските шпионски авиони, кои знаеле да прелетуваат над советскиот воздушен простор. Таа база била оддалечена само 644 километри од Јапонија и Беленко конечно се одлучил да бега.

На 6 септември во 1976 година одлетал заедно со неколку свои колеги на тренинг-мисија. Сите биле невооружени, а неговиот авион бил полн со керозин. Во еден момент се одвоил од формацијата и тргнал кон Јапонија, а за да ги избегне советските и јапонските радари летал на висина од само 30 метри над морето.

Кога бил доволно длабоко во јапонскиот воздушен простор Беленко го подигнал својот Миг на висина од 6 километри за да го фатат јапонските радари – иако Јапонците се обиделе да му се јават, неговото радио било подесено на погрешни фреквенции па не успеал да им објасни и какви му се намерите. Кога јапонските ловци се дигнале во воздух да го пресретнат, Беленко се спуштил под слојот на облаците и повторно исчезнал од радарот. Во тој момент летал по сопствена меморија, а целта му била воздушната база Читоз. Но, бидејќи резервоарот брзо се празнел, бил принуден да слета на најблискиот аеродром кој бил Хакдодате на северниот дел на Хокаиду.

Малку е да се каже дека Јапонците биле вџашени кога гледале како на пистата се спушта огромен 20 метри долг борбен авион со два млазни мотора, украсен со црвена ѕвезда на Советскиот Сојуз. Бидејќи пистата била прекратка за Миг25, Беленко се запрел откако „преорал” стотина метри земја на самиот крај на пистата. Кога излегол од кокпитот, извадил пиштол и испукал два куршума во знак на предупредување, а на службениците од аеродромот кратко го кажал своето име, чинот и желбата да побегне на запад.

Малиот аеродром Хакдодате наскоро станал преполн од службеници на разни разузнувачки агенции, меѓу кои први биле тие од ЦИА, кои не можеле да се изначудат на сопствената среќа.
mig-25-avion
Нивниот мистериозен авион буквално им слетал во раце.

Најтаинствениот авион кој Советите некогаш го направиле, наскоро бил размонтиран дел по дел во текот на следните недели, а неговите можности конечно биле откриени пред љубопитните очи на западните агенти и инжинери. Миг 25 не бил супер ловец од кој се плашел Пентагон. Вистина, бил многу брз (и денес е втор најбрз воен авион во историјата), но имал многу специфична улога (главно пресретнување на непријателски шпионски авиони), надвор од тоа неговите можности биле ограничени.

Миг 25 бил скап пресретнувач вооружен со четири огромни воздух-воздух проектили кој можел да лета три пати побрзо од звукот, но чии мотори при тие брзини се наоѓале под огромен притисок поради што пилотите биле советувани да не летаат побрзо од 2.83 Маха, т.е. од 3400 километри на час.
Имено, неговите огромни компресори при тие брзини генерирале толкава сила со всисување на воздухот што постоела опасност буквално авионот да го растурат во делови. Тој Миг кој Израелците го снимале како лета со брзина од 3.2 Маха всушност ги уништил своите мотори и едвај се вратил во базата.
Освен тоа, Миг 25 не бил ни приближно подготвен да маневрира како што се мислело, поради силните мотори брзо го трошел горивото и поради тоа имал помал дострел, а неговиот радар бил застарен во споредба со американскиот.

Иако Миг 25 е произведен во над 1000 примероци и се уште е во ограничена служба во руските воени сили (а го користат Алжир и Сирија), неговото влијание на развојот на воената авијација било најмногу поради стравот кој го предизвикал кај Американците и нивните сојузници пред да ги дознаат неговите можности. Поради сенката на советскиот „супер-ловец” развиен е брз (иако не како Миг 25) и подвижен F-15 Eagle, кој и ден денес е еден од најдобрите ловци на светот, ниту еднаш не е срушен во над 100 воздушни борби.

Што се однесува до руската авијација, Миг 25 служел како подлога да се направи Миг 31, побрз, посилен, по софистициран и добро вооружен авион со моќен радар кој руските воздушни сили во големи броеви и денес многу го користат, а чие севкупни можности и детали на изработка се уште се тајна.

Јутарњи лист – Загреб