Sunday, May 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСоветот на јавни обвинители го игнорира барањето на СЈО за „Сопот”

Советот на јавни обвинители го игнорира барањето на СЈО за „Сопот”

Советот на јавни обвинители продолжува да ги држи во заложништво барањата на СЈО. Тимот на Катица Јанева од 4-ти ноември минатата година, бара случајот „Сопот“ да помине на нивни раце, но претседателот на Советот Петар Аневски не свикува седница каде треба да се одлучи за тоа.

Советот на јавни обвинители со 11 членови моментално очекува промени во извршната власт. Неофицијално се дознава дека повеќето негови членови се против барањето на Јанева, додека членовите кои се ЗА може да бидта надгласани. Алсат денеска се обиде да добие став од Аневски, но тој не беше достапен.

Дополнителна пречка на СЈО за процесирање на случајот „Сопот“ претставува и тоа што не се донесени измени во Законот за сведоци, судските седници не се одржуваат, а сменет е и судијата на предметот. Адвокатите велат дека соработуваат со СЈО и оти предистражната постапка може да биде финализирана само ако СЈО добие дозвола од Советот на јавни обвинители. Одбраната останува на ставот дека во иднина постои можност за бојкот на рочиштата. Барањето за преземање на случајот „Сопот“ СЈО ја базира врз аудио-фајловите што ги поседува.

Во меѓувреме и по еден месец од објавувањето на извештајот за шестмесечната работа на СЈО, Советот на јавни обвинители сè уште не одржал седница за да го разгледа. Во неа Катица Јанева треба да го брани и да го оправда извештајот. И покрај тоа што беше предвидено таквата седница да се одржи по празниците, Алсат дознава дека таа сè уште не е свикана. На 15 март СЈО својот извештај го достави до Советот на јавни обвинители и до Собранието. Сепак, во отсуство на парламентарните тела за извештајот не се дебатираше во собраниската Комисија за политички системи. Во извештајот што го објави СЈО во март, беше заклучено дека во последните шест месеци успеале да анализираат 45% од вкупниот број добиени прислушувани разговори кои се околу 600 илјади. За шест месеци СЈО иницирала 14 предистражни постапки, додека досега како осомничени во случаите на СЈО од почетокот на неговото работење се 112 лица за 160 кривични дела.