Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСЈО достави 1.560 докази против Кочан и на другите во „Труст“

СЈО достави 1.560 докази против Кочан и на другите во „Труст“

Специјалното јавно обвинителство на денешното рочиште од судскиот процес „Труст“ презентираше вкупно 1.560 докази, наведени на 81 страница, против бизнисменот Сеад Кочан, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, обвинети во случајот.

Меѓу доказите, кои беа изведени на денешната расправа, се и три прислушувани разговори, од кои еден меѓу поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски, и два необјавени разговори меѓу поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски и Чингоски.

Судијката, Лидија Зимбовска, го одби барањето на адвокатите на одбраната прислушуваните разговори да не бидат дел од доказите, а го прифати предлогот цедето со обработени банкарски сметки да не биде доказ во постапката.

Меѓу доказите од листата на СЈО е целокупната документација поднесена за тендерот на ЕЛЕМ, документи од РЕК Битола, целокупната механизација на „Трансмет“, вештачења, договори, уплати и книговодствена евиденција.

Инаку, денешното рочиште продолжи по двочасовна пауза, откако адвокатите на одбраната реагираа дека дека во листата што ја добиле од обвинителството, доказите не се нумерирани и не можат да го следат обвинителот за кои докази зборува. Судијката Зимбовска даде пауза, за СЈО повторно да ја испечати листата со докази, овојпат со редни броеви.

Следното рочиште за „Труст“ ќе се одржи на 30 ноември, кога како сведок треба да биде сослушан управителот на „Силекс неметали“, Васил Ристовски.

СЈО во случајот „Труст“ ги товари Кочан, Авировиќ и Ватиќ, како и фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, дека со невистинити и фалсификувани документи добиле тендер на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) вреден 17 милиони евра.