Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитика„Шамарите“ го одложија рочиштето за „Траекторија“

„Шамарите“ го одложија рочиштето за „Траекторија“

Судијата Горан Бошевски по кратка работа на денешното рочиште од судењето за случајот на СЈО, „Траекторија“, го прекина рочиштето откако беа слушнати барањата на одбраната на обвинетите. Следното рочиште ќе се одржи на 26 овој месец, а денешното беше прекинато бидејќи во судницата во 11.30 часот треба да продолжи судењето за случајот „Шамари во Општина Центар“.

Денеска адвокатите на одбраната побараа да ги добијат 315-те снимки од прислушувани разговори и СМС-пораки што специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова ги достави како доказ. Најголем дел од нив досега не се објавени. Судијата Бошевски рече дека на следното рочиште ќе се изјасни околу барањата на адвокатите на обвинетите да ги слушаат снимките во судот, откако тој и петчлениот судски совет ќе го разгледаат барањето.

Во случајот „Траекторија“, за изградбата на автопатите Миладиновци – Штиип и Кичево – Охрид, обвинети се поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ во заминување, Никола Груевски, и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, како и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Груевски е обвинет за примање награда за противзаконито влијание, а другите тројца за злоупотреба на службената положба и овластувања.