Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаПомилуваниот Пуки вратен на чело на Алфит – Осомничен од СЈО ќе ја чува Фатиме?

Помилуваниот Пуки вратен на чело на Алфит – Осомничен од СЈО ќе ја чува Фатиме?

Старо-новиот министер за внатрешни работи, Митко Чавков експресно, по елиминацијата на Оливер Спасовски, ги враќа работите по старо, односно на принципот МВРО-ВМРО, за кој слушнавме од „бомбите“. Чавков веќе го сменил Примислав Димовски од командант на Алфите и на позицијата го вратил Ивица Анчевски – Пуки, објави порталот Либертас повикувајќи се на извори во МВР.

Се работи за еден од 56-те помилувани од страна на претседателот Иванов, кој, колку што е познато, нема побарано повлекување на аболицијата. Пуки е еден од осомничените во случајот „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство, случај за апсењето на Љубе Бошкоски.

SJO

СЈО покрена истрага против Сашо Мијалков како нарачател, против Пуки, од позициајата командант на Алфите и уште 6 лица кои го апселе Љубе Бошкоски на 6.6.2011 година. За нив не беше побаран притвор, туку само мерка на обезбедување и забрана за вршење на овластувања за полицајците кои и натаму работат во МВР.

Сега, освен што тој е помилуван, се враќа на старото работно место, да ја води специјалната полицискa единицa Алфа. Инаку, токму Алфите, под раководството на досегашниот шеф Примислав Димовски асистираа во акциите на СЈО.

Од друга страна пак, обвинителката Фатиме Фетаи пред една недела побарала засилени безбедносни мерки, па нејзиниот дом го обезбедуваат „Алфите”, единица со која сега командува помилуваниот полициски началник. Токму Фатиме Фетаи ја држеше и прес конференцијата за „Тортура“ и прецизно објаснуваше како било вршено апсењето на Љубе Бошковски.