Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаОдложено судењето за „Труст“ бидејќи одбраната не ја добила листата на докази

Одложено судењето за „Труст“ бидејќи одбраната не ја добила листата на докази

Почетокот на главната расправа од судењето за случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство, кое требаше да се одржи денеска, се одложи бидејќи адвокатите на обвинетите, меѓу кои и сопственикот на телевизија „Нова“, Сеад Кочан, со обвинителниот акт не ја добиле листата со докази што ги предлага СЈО, пишува Мета.

На рочиштето беа присутни тројцата обвинети, Сеад Кочан, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, и претставници на обвинетите фирми „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“.

Адвокатката на Авировиќ, Сања Алексиќ, побара од судот да го задолжи СЈО да им ја достави листата на докази бидејќи, како што рече, без неа одбраната е оневозможена да достави своја листа на докази.

Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, пред судот изјави дека во прилог на обвинителниот акт се поднесени сите потребни списи и документи, вклучително и листата на докази и додаде дека не може да каже дали Советот за оценка на обвинителниот акт ги доставил до обвинетите и до одбраната заедно.

Судијката Лидија Зимбовска, по проверката во списите од предметот, констатираше дека листата на докази е доставена со обвинителниот акт, но според доставниците, произлегува дека листата на докази најверојатно не доставена до одбраната.

Обвинителите на СЈО, Бубевски и Артан Ајро, на самото рочиште во електронска форма им ги префрлија доказите на адвокатите кои побараа дополнително време за да можат да извршат увид и ако е потребно да предложат своја листа.

Следното рочиште Зимовска го закажа за 14 ноември и одреди динамика на одржување на наредните рочишта, односно тие да бидат секој вторник и четврток во месецот.