Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаМакедонските работници го влечат најдебелиот крај – Има ли излез од КОВИД-19 кризата?

Македонските работници го влечат најдебелиот крај – Има ли излез од КОВИД-19 кризата?

Веќе шест месеци најголемата светска пандемија, од вирусот Ковид-19 ги коси државите ширум светот. Во моментов, САД  и Бразил се најпогодените држави, и бројат над 50.000 дневно заразени случаи. Освен здравствените последици ( починати и заболени луѓе), оваа пандемија се чини  најмногу го загрози  и економскиот сектор. Предвидените мерки, и воведувањето на „ новите правила за новата нормалност“, уништија или преполовија голем број на фирми и компании. Најмногу на удар во Македонија и во целиот свет се т.н мали и средни бизниси. Официјално над  17.000 граѓани во Македонија останаа без работа како последица и резултат од кризата, а на голем број им „ виси“ работното место. За таа цел, Владата донесе пакет мерки со кој ги субвенционираше платите на вработените  во голем број сектори. Сепак, деновиве пукна „ срамот“, каде што сопственици на голем број претпријатија не ги исплатиле доделените државни пари на своите работници, па директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска ги објави на „ ѕидот на срамот“.

 Што може да очекува ранлива економија како Македонија во пресрет на предвидениот есенски бран од Ковид-19? Многумина економски експерти, велат дека неколку месечната владина помош за фирмите и претпријатијата е иницијална инекција, која може да потрае неколку месеци, бидејќи пари за субвенционирање во недоглед не може да има. Тогаш која е ефикасната мерка за зачувување на претпријатијата, нивната ликвидност, а со тоа и зачувување на работните места. Многу стопански сектори, како угостителството, хотелиерството, туристичкиот сектор, превозот, па дури и земјоделството се на работ на преживувањето, бидејќи се соочуваат со драстичен пад на својата економска активност и продуктивност. Новите правила наложуваат и работа од дома во многу сектори, но се чини дека овие ќе поминат полесно, бидејќи не само што ќе губат од економската продуктивност, туку и самите фирми со праќањето на работниците од   дома да работат ќе заштедат на канцелариски трошоци. 

Сепак, станува збор за ИТ фирми, и фирми од областа на маркетинг-услугите. На протест се дигнаа и туристичките работници, бидејќи како што велат шест месеци не земале плата. За држава која според стапката на невработеност и пред Ковид пандемијата , важеше за една  од најлошо стоечките на стариот континент, и држава која има низок раст на БДП, само зголемување на продуктивноста и зголемување на ефикасноста  на трудоинтензивниот инпут во крајниот продукт може да доведе до зголемување на производството, а со тоа и намалување на опасноста дека може да се изгуби работното место. Во таа симбиоза Влада-газди-работници, најдебелиот крај ќе го извлечат последните две категории.  Пари на претек и во меѓународните економски институции за позајмици нема, што значи останува на владините претставници, на сопствениците на компаниите и на самите работници, да се однесуваат крајно и максимално одговорно, за да можат да ги пребродат економските бури пред кои се исправени.